„Посетата на Кошта е сигнал дека е време за државнички пристап кон европската интеграција на Македонија“, велат од ЛДП
Посетата на претседателот на Европски совет, Антонио Кошта, претставува јасен сигнал дека Македонија останува дел од европската перспектива, но и дека напредокот кон членство зависи од исполнувањето на веќе преземените обврски, оценуваат од Либерално-демократска партија во нивното соопштение.

Од партијата преку соопштение посочуваат дека е потребен поодговорен и подржавнички пристап кон процесот на европска интеграција и апелираат политичките субјекти да се насочат кон изнаоѓање решенија наместо кон одржување на блокадите.
ЛДП останува на ставот дека уставните измени треба да бидат усвоени што поскоро, но нивната примена да биде одложена до завршувањето на преговорите со Европската Унија.
Според партијата, ваквиот модел не претставува отстапување од државните интереси, туку можност за продолжување на евроинтеграцискиот процес, истовремено обезбедувајќи дополнителна сигурност за граѓаните. Од ЛДП нагласуваат дека во преговарачката рамка нема обврска измените веднаш да стапат во сила, што, според нив, остава простор за решение околу кое би можел да се изгради поширок политички и општествен консензус.
Од партијата оценуваат дека за напредок кон Европската Унија се потребни политичка храброст, визија и јасна определба, додавајќи дека ќе продолжат да се залагаат за политики што ги обединуваат граѓаните и ја приближуваат државата до полноправно членство во Унијата.
„Европската иднина е заеднички интерес на државата и на сите нејзини граѓани и не смее да биде заложник на дневно-партиските пресметки“, порачуваат од ЛДП.






