„Пошта“ не работеше поради невремето – вели директорот Куртиши по обвинувањата на Апасиев

„Пошта“ три дена не работеше поради сериозното невреме и техничките последици што ги предизвика, но денес работењето е целосно нормализирано и сите услуги се одвиваат непречено – објави на социјалните мрежи директорот на АД „Пошта на РСМ“, Орхан Куртиши. Објавата тој директно ја адресира до пратеникот и лидер на Левица, Димитар Апасиев, кој вчера обвини дека „Пошта“ трет ден по ред не прима писма.

 

Кутриши го обвини Апасиев дека наместо да покаже елементарно разбирање за вонредната состојба посегнал по ширење дезинформации, навредил илјадници вработени и собирал политички поени врз грбот на институцијата.

„Кога Димитар Апасиев нема факти, прибегнува кон лаги, навреди и евтин популизам. Да, ‘Пошта’ три дена не работеше поради сериозното невреме и техничките последици што ги предизвика, но денес работењето е целосно нормализирано и сите услуги се одвиваат непречено. АД ‘Пошта на Северна Македонија’ нема да биде заложник на нечии политички фрустрации. Граѓаните заслужуваат факти, а не измислици и евтини политички претстави“напиша Куртиши на Фејсбук.

Претходно вчера, пратеникот и лидер на опозициската Левица, Димитар Апасиев, обвини дека „Пошта“ не прима писма трет ден по ред и дека поради тоа адвокатите ги пропуштаат роковите за жалби.

„А, инаку, ‘Поштата’ ни е дувло за овие ‘по Рамковен’. Некои од нив знаат само бројки на македонски. Букви јок! Не знам дали знаете, ама има вработени кои лежат во затвор во Италија, а тука им тече плата!?“,напиша, меѓу другото, Апасиев во објавата на Фејсбук.

Back to top button
Close