Постдипломци успеале да добијат државни ваучери за електронски уред, иако не им следуваат


Вистинска збрка се случува со владиниот проект за доделување ваучери за студенти за купување електронски уреди – постдипломци, односно студенти запишани на мастер студии успеале да се пријават за ваучерот од 250 евра и да го добијат, иако тие не ги исполнуваат условот да бидат запишани на прв циклус од студиите.
Според правилата, државните пари може да ги добие секој студент на прв циклус студии што не е постар од 29 години, без разлика дали е запишан вонредно или редовно. Ваучерот може да го искористи до крајот на годината во точно утврдени продавници за електроника, објавени на сајтот заедно со повикот.

Меѓутоа, откако првиот ден падна веб-страницата за аплицирање, вчера и денеска дел од студенти на мастер студии си ја пробале среќата со ваучерите и им успеало. Но, откако се прошири информацијата дека тоа се случило, властите спроведоа дополнителни мерки и ги известија постдипломците дека нема да имаат можност да го сменат ваучерот за компјутер, таблет или телефон.

Во исто време, се појавија и информации дека дел од студентите ги продавале ваучерите кои им следуваат, на што министерката за образование Весна Јаневска коментираше дека тоа дали ќе ги продаваат „останува на нивната совест“.

Право на државниот ваучер од 250 евра имаат околу 55.000 студенти, кои може да се пријавуваат до 20 декември.

Back to top button
Close