Повеќе од 200 ученици и наставници киднапирани од католичко училиште во централна Нигерија

Од католичкото училиште „Света Марија“ во централната нигериска држава Нигер вчера беа киднапирани 227 ученици и наставници, соопшти Христијанската асоцијација на Нигерија (КАН), што укажува дека ова е второ киднапирање за една недела.
Масовните киднапирања се вообичаени во Нигерија, најнаселената земја во Африка, особено по киднапирањето на речиси 300 ученички во Чибок на североистокот од земјата во 2014 година од страна на екстремисти, членови на екстремистичката група Боко Харам.
Според информациите, терористите киднапирале 215 ученици и 12 наставници од училиштето „Света Марија“ кое се наоѓа во нигериската држава Нигер. Некои ученици успеале да избегаат за време на терористичкиот напад.
Нигериските власти сè уште не соопштија колку деца се киднапирани, а владата на нигериската држава нареди привремено затворање на сите интернати во областа.
Владата претходно соопшти дека училиштето работело и покрај претходните предупредувања од безбедносните служби.
-За жал, училиштето „Света Марија“ продолжи со училишните активности без да информира или да побара одобрение од државната влада, со што ги изложи учениците и персоналот на ризик што можеше да се избегне, се вели во соопштението на владата вчера.
Полицијата вчера соопшти дека ги распоредила своите единици и воен персонал во областа за да извршат „расчистување на шумите“.
Нападот се случи неколку дена откако вооружени лица киднапираа 25 девојчиња од средно училиште од интернатот за девојчиња „Мага“ во северозападната нигериска држава Кеби. Тоа се случи во ноќта од недела кон понеделник.
Според извор од ОН кој не сакаше да биде именуван, учениците од училиштето „Света Марија“ биле однесени во шумата Брнин Гвари во државата Кадуна, која се наоѓа источно од државата Кеби, упориште на неколку криминални групи блиски до екстремистичката група Ансар.
Сè уште не е познато дали киднаперите се екстремисти или криминални банди.
Нигерискиот претседател Бола Тинубу вчера ги откажа планираните патувања во странство. Нигерија на самитот на Г20 во Јужна Африка ќе биде претставена од потпретседателот Кашим Шетима.
Двете киднапирања, како и нападот врз училиштето во Еруку во западна Нигерија, доаѓаат во време кога американскиот претседател Доналд Трамп се закани со воена интервенција во Нигерија поради обвинувањата за прогон на христијаните во земјата. Во Вашингтон, оваа реторика ја повторуваат конзервативните пратеници и групите за застапување на христијаните.
Нигерија ги негира обвинувањата, но потврди дека е во преговори со американската влада за безбедносна соработка, велејќи дека нападите ги засегаат сите Нигеријци без оглед на религијата.






