Повеќе од 50 американски универзитети под истрага за дискриминација во рамки на кампањата на Трамп против DEI
-Повеќе од 50 американски универзитети се под федерална истрага за наводна расна дискриминација, како дел од иницијативата на претседателот Доналд Трамп за укинување на програмите за различност, еднаквост и инклузија (DEI), кои, според неговата администрација, ги исклучуваат белите и азиско-американските студенти.
Министерството за образование на САД објави дека спроведува нови истраги, еден месец откако предупреди дека училиштата и факултетите кои користат „расни преференции“ во запишувањето студенти, доделувањето стипендии или други академски програми, може да останат без федерално финансирање.
– Студентите треба да се проценуваат според заслугите и достигнувањата, а не според бојата на кожата, изјави министерката за образование Линда Мекмејон, додавајќи дека администрацијата нема да отстапи од оваа политика.
Истрагите главно се фокусираат на партнерствата на универзитетите со непрофитната организација PhD Project, која помага на студенти од недоволно застапени групи да добијат докторски титули со цел да се зголеми разновидноста во деловниот свет. Според властите, оваа организација одредува подобност врз основа на расна припадност, а факултетите кои соработуваат со неа „ја дискриминираат расно во постдипломските програми“.
Во истрагата се опфатени и престижни универзитети како Јејл, Корнел, Дјук и Технолошкиот институт во Масачусетс.
Иницијативата на Трамп се базира на одлуката на Врховниот суд од 2023 година, која забранува користење на расната припадност како фактор во запишување на студенти. Оваа политика е оспорена со федерални тужби од најголемите синдикати на наставници во САД, кои тврдат дека таа ги прекршува уставните права за слобода на говор на образовните институции