Пожар од големи размери кај познатото албанското одморалиште Химара

Голем пожар се шири во областа Љаман, во атарот на познатото одморалиште Химара, на југот на Албанија.
– Пламените јазици се шират брзо, поттикнати од високите температури и ветерот, ризикувајќи да зафатат уште поголема површина. Во гаснењето на огнот вклучени се противпожарни возила од неколку соседни градови, припадници на полицијата и армијата.
Засега нема пријава за повредени лица или загрозени домови.
Според Националната агенција за цивилна заштита само во последните дваесет дена регистрирани се 170 пожари.
– Го повторуваме апелот до граѓаните да покажат максимална претпазливост во овие денови на високи температури и зголемен ризик од пожари и веднаш да пријават кога ќе забележат пожар, апелираат од агенцијата.
Според позитивните законски прописи на Албанија, намерното палење е казниво со затвор од пет до осум години кога е сторено во текот на летната сезона, во услови што го олеснуваат ширењето на пожарот или во близина на населено место.
Казна затвор од четири до 10 години е предвидена за намерно предизвикување пожар кога влијае на заштитени подрачја, места на културно наследство, култни места, културни споменици или критична инфраструктура, додека казната достигнува од седум до 15 години затвор кога палењето е сторено со цел промена на категоријата или намената на земјиштето.






