Прашањата за дрогата СДСМ нека ги постави кај Зоран Заев – порача ВМРО-ДПМНЕ

Откако СДСМ праша како петте тони марихуана, што беа запленети во Србија, завршиле таму преку Македонија, од ВМРО-ДПМНЕ ги упатија овие прашања да ги постават кај поранешниот лидер на партијата, Зоран Заев, кој, според нив, е познат сопственик на фабрика за марихуана.

Денеска вишиот суд во Белград им одреди притвор на три лица што беа уапсени по заплената на марихуаната во регионот на селото Коњух кај Крушевац, во централна Србија, на 29 јануари. Еден од осомничените со иницијали И.Д. е косопственик на компанијата „Алфафарм“ што е регистрирана во Скопскиот Регион и е наменета за производство и преработка на медицински канабис.

Одговорите да ги побараат кај Зоран Заев, кратко возвратија од владејачката ВМРО-ДПМНЕ откако опозицискиот СДСМ денеска праша како петте тони марихуана, што беа запленети во Србија, завршиле таму преку Македонија, а владата молчи.

„СДС прашуваат како поминала дрогата? Одговорите на овие прашања нека ги постават кај познатиот сопственик на фабрика за марихуана Зоран Заев, независно дали се наоѓа во Струмица или на трошење на пари во сигурниот Дубаи. Директен линк со него има Венко Филипче“, кратко соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Претходно, од СДСМ прашаа и кој дозволил преку македонската граница да помине огромна количина дрога и кој сѐ е вмешан во овој, како што велат, картелски скандал во Македонија. Во партијата сметаат дека без поддршка од структури во власта и во македонските институции, ова е невозможно да се случи.

Инаку, вишиот суд во Белград им одреди притвор на три лица што беа уапсени по заплената на петте тони марихуана во регионот на селото Коњух кај Крушевац, во централна Србија, на 29 јануари, пренесуваат тамошните медиуми.

Осомничените за кривично дело неовластено производство и дистрибуција на наркотични дроги за време на сослушувањето го искористиле своето законско право да молчат.

Како што е наведено во соопштението, оваа организирана криминална група дејствувала на меѓународно ниво, а во јануари годинава набавила повеќе од пет тони марихуана на територијата на Северна Македонија.

Особено е индикативно што еден од осомничените со иницијали И.Д. е косопственик на компанијата „Алфафарм“ што е регистрирана во Скопскиот Регион и е наменета за производство и преработка на медицински канабис.

Извор: 360stepeni.mk

Back to top button
Close