Правда без одговорност е неправда
Животот во Македонија, за секој човек кој упорно ја бара вистината од институциите, лесно може да се претвори во Голгота.

Полни пет и пол години водам законска и јавна борба за да се расветли стечајот на Еуростандард банка и улогата на институциите што го овозможија нејзиното ,,законско” ликвидирање. Не барам да ми се верува на зборот, на мојот долгогодишен углед и кредибилитет, сѐ што барам е фактите да бидат проверени, документите да бидат отворени, а одлуките да бидат објаснети. И нека биде транспарентно, затоа што нѐ засега сите и затоа што правдата што важи само за граѓаните, а не и за институциите, не е правда туку моќ.
Народната банка ја донесе најтешката можна одлука одземајќи ѝ ја дозволата за работа на Еуростандард банка, туркајќи ја во принуден стечај. Пред стечајот, според моето длабоко уверување, не беа искористени сите инструменти што ѝ стоеја на располагање за да се утврди вистинската состојба на банката и да се разгледа можноста за нејзино спасување.
Затоа основното прашање, коe сѐ уште останува неодговорено.е дали пред стечајот навистина беа исцрпени сите законски и реални можности.
Не е доволно само да се каже дека банката имала проблеми. Треба да се утврди дали биле разгледувани администрацијата, санација, дополнителна капитализација, нов инвеститор и наплата на побарувањата. Треба да се утврди и зошто најстрогата мерка била избрана како конечна!
Не е доволно да се истражува што се случувало во банката, туку и позадината. Мора да се истражи кој, зошто и врз база на какви податоци ја затворил банката.
Паралелно со ова, Јавното обвинителство полни пет и пол години водеше истрага против мене и против други лица поврзани со Еуростандард банка. На 8 јули годинава истрагата заврши со обвинителен акт против три лица и со обвинителен предлог против мене, за наводно несовесно работење во службата. После пет и пол години истрага, јас не сум обвинет за перење пари. Не сум обвинет дека сум украл средства. Не сум обвинет дека лично сум одобрил конкретен спорен кредит.
Според обвинителската теза, како претседател на Надзорниот одбор и главен акционер, јас сум пропуштил должен надзор. Кога некого обвинувате за несовесност, не е доволно да ја наведете неговата функција. Мора да кажете која конкретна должност ја прекршил, кога ја прекршил, што знаел, што можел да преземе и како неговиот пропуст ја предизвикал последицата. Обвинителството не смее да истражува само верзија што води до обвинение, туку и фактите што можат да го урнат.
Токму затоа е неопходно да се испита и одговорноста на Народната банка. Ако ОЈО ја темели својата теза врз документ добиен од регулаторот, тогаш мора да ја испита и постапката на тој регулатор. Не може институцијата, што ja донела неповратната одлука, истовремено да биде единствен извор за објаснување на сопственото постапување. Посебно тешка е јавно објавената бројка од приближно 27 милиони евра наводна загуба! Таа бројка веднаш беше пренесена како утврден факт. Но јавноста сè уште нема одговори што точно претставуваат поимите: историска загуба, вредност на спорни кредити, штета на денот на стечајот или конечна нето-штета по сите наплати и распределби.
Бројка што уништува човечки углед мора да има јасна методологија, датум и доказ.
Тим од домашни и странски експерти работи на анализа на обвинителската теза и во следниот период ќе излезе со факти за вистинската состојба, за причините што доведоа до стечајот и за тоа како е пресметана наводната штета. Кога не би се работело за човечки животи, конкретно за мојот, за моето семејство, за вработените, клиентите, правните и физичките лица поврзани со банката, сето ова можеби ќе изгледаше како лошо напишано сценарио за пародија. За жал, не станува збор за пародија, туку за чест, имот, семејства, работни места и човечки судбини.
Колку вреди човечки живот пред недопирлив систем?
Моите правни советници укажуваат дека мојот предмет може да дојде во фаза на застареност. Но, мојата порака веќе пет и пол години е јасна: не сакам вистината да биде затворена со истекувањето на рокот. Нема застарена неправда. Ако судската постапка биде отворена, барам таа да стигне до суштината, а не во застареноста како спасоносно решение. Барам да се утврди дали сум виновен или не сум виновен, но врз основа на конкретни и законски прибавени докази. Секако, барам истото мерило да важи за институциите.
Ако граѓанинот одговара за својот пропуст, зошто институцијата не одговара за својата погрешна одлука?
Во разговорите со правни експерти од земјава и странство, се наметнува еден сериозен проблем. Граѓанинот може со години да биде предмет на истрага, јавна осуда и судска постапка, додека механизмите за утврдување одговорност на обвинители, судии и регулатори за тешки и тенденциозни грешки, остануваат неефикасни и недостапни. Независноста на институцијата не смее да се користи како нејзина недопирливост.
Независноста е заштита од политички притисок, но не е дозвола за неодговорност. Обвинителот, судијата и регулаторот мора да имаат слобода во својата работа, но исто толку да имаат и обврска да одговараат, кога со крајно несовесно или намерно постапување предизвикуваат тешки последици.
Денес, стечајот на Еуростандард банка сè уште трае. Од стечајната маса се вршат исплати кон Фондот за осигурување на депозити, а поранешната главна дирекција на банката во центарот на Скопје беше отстапена по цена за која мора да има целосна јавна отчетност.
Јавноста има право да знае:
Кој ја проценил зградата?
По која методологија?
Кој ја одобрил цената?
Дали бил постигнат најдобриот резултат за стечајната маса?
Исто така, информациите што стигнуваат до нас укажуваат дека во стечајната маса може да има уште значителен прилив на средства и дека на крајот може да се создадат услови за обесштетување и на акционерите со повеќе десетици милиони евра. Ако тоа се потврди, ќе мора повторно да се постави најгорливото прашање, дали Еуростандард банка навистина била безнадежна во моментот кога била затворена? Ако конечните резултати покажат дека банката била однесена во стечај без исцрпување на реалните можности за спас, тогаш кој ќе одговара?
Упатувам јавно барање до актуелниот гувернер на Народната банка, Трајко Славески, да отвори вистинска, независна и стручна ревизија на случајот Еуростандард банка. Пораката не ми е за да се заштити било кој поединец или да се влијае врз судот, туку да се утврди дали Народната банка ги искористила сите законски инструменти, дали одлуката била неопходна и дали биле почитувани интересите на банката, клиентите, доверителите и акционерите.
Не е грев да се згреши, но ако се покаже дека грешката била свесна, тенденциозна или намерна, тогаш тоа веќе не е обична грешка.
До Собранието упатувам порака, да отвори сериозна расправа за одговорноста во правосудниот и регулаторниот систем и да создаде законски механизми со кои ќе се проверуваат и санкционираат тешките злоупотреби и крајната несовесност.
Таквите механизми не смеат да станат средство за политички притисок врз судството и обвинителството, како што и независноста не смее да остане штит зад кој секоја погрешна одлука е недопирлива. За жал, не сум единствениот човек што ја чувствува болката од систем кој може да те уништи, а потоа да не одговори на ниту едно суштинско прашање.
Мојата борба продолжува, не само за лична туку и за колективна правда, за правдата на многу мои сограѓани што ја почувствувале беспомошноста пред македонскиот правосуден систем.
Затоа, ова не е само приказна за една банка, ова не се чаршиски муабети и митови, ова е многу сериозно прашање за државата. А прашањето ми е: Кој одговара кога системот ќе згреши?
Ако одговорот е „никој“, тогаш правдата без одговорност станува неправда, независноста станува недопирливост. Тогаш институциите стануваат посилни од законот, а граѓанинот сам пред системот.
Македонија не може да биде правна држава сѐ додека институциите не научат да одговараат пред законот, сѐ додека се јавнати од моќници убедени во единствената сила на корупцијата.
Трифун Костовски






