Предизвикот Баухаус по 100 години

Во градбите во повоената архитектура во Југославија можеше да се препознае „ракописот” на Баухаус. Дури и во Скопје! За жал, тие градби во центарот беа „преоблечени” во античко руво во проектот „Скопје 2014”.

Кица Колбе

Годината 2025 е јубилејна за Баухаус во Десау. Од 1925 до 1926 траела изградбата на прочуеното здание на школата, по проектот на архитектот и директор на Баухаус, Валтер Гропиус. Затоа времето од септември 2025 до декември 2026 ќе биде исполнето со јубилејна програма.

Гропиус-зданието во Десау е дел од светското културно наследство од 2007 годинаГропиус-зданието во Десау е дел од светското културно наследство од 2007 година

 

100 години слават во 2025 и куќите за професорите на Баухаус, изградени повторно по проектна Валтер Гропиус. Белите вили, со чиста геометриска форма и многу светлина поради големите прозорци, биле први од тој вид во Германија. Кога при посетата на Десау пред три години ги видов среде паркот со стари високи борови, ми стана јасно дека тој дизајн е апсолутно модерен и ден-денес. Баухаус е одамна дел од нашиот домашен дизајн, иако ретко сме свесни за тоа. Естетиката на Баухаус ги инспирираше идните генерации, а затоа што на Баухаус студирале и уметници од Балканот, во градбите во повоената архитектура во Југославија можеше да се препознае „ракописот” на Баухаус. Дури и во Скопје! За жал, тие градби во центарот беа „преоблечени” во античко руво во проектот „Скопје 2014”.

Првпат во 2019 година се славеше 100 години Баухаус во Вајмар. Приказната на Баухаус е израз за најтворечкото, но и најдрамтичното време на Вајмарската република и на нејзиниот политички пораз, по кој следеше подемот на нацистите во Германија. Се‘ започна со Валтер Гропиус. Во манифестот од 1918, тој ја опиша својата визија за обединувањето на уметноста со занаетите. Архитектите, скулпторите и сликарите морале да се вратат на занаетите.„Не постои суштинска разлика помеѓу уметникот и занаетчијата. Уметникот е само повисок степен на занаетот”, истакнува тој. Ново беше што школата ги отвори вратите и за жените, но и за студенти од странство. Визијата на Гропиус не го обликуваше само естетскиот вкус во германското општество, туку неколку децении подоцна и во целиот свет. Тоа што тој ги собра во Баухаус најреволуционерните уметници на неговото време од целиот свет, конзервативните уметници и политичари во Вајмар го употребија за критика на школата, толкувајќи го космополитизмот како комунистичка идеологија.За конзервативните политичари Баухаус беше од првиот миг трн во око.

 

 

Мебел дизајниран во рамките на БаухаусФотографија: picture-alliance/dpa

Уметниците од Баухаус во Третиот Рајх

Кога 1924 на изборите во Тирингија победија конзервативните, тие побараа школата да се затвори. Во септември 1925, Гропиус добил отказ од директорското место. Школата во еден јавен проглас „и‘ дала отказ” на покраината Тирингија, а затоа што веќе се имала стекнато со реноме, неколку германски градови се понудиле како идно седиште. Најприфатлив бил Десау, каде што школата го доживеа најплодниот период. Гропиус-зданието на школата стана симболот за филозофијата на Баухаус, која во годините во Десау беше расадник на епохални иновации. Се‘ до подемот на националсоцијалистите во раните триесетти. По изборите во 1931, Баухаус го напушти Десау, 1932 се пресели во Берлин, каде школата дефинитивно се распушти во 1933.Интересно е што партијата на Хитлер во изборната кампања во 1931 прави хајка против Гропиус-зданието во Десау, ветувајќи дека по изборите ќе го урне. Откако успешно го изгонија Баухаус од Десау, нацистите ги заборавија ветувањата за уривање. Веднаш по селидбата на Баухаус во Берлин 1932, во Гропиус-зданието се „вселуваат” институциите на нацистите. Брзо потоа голем број од славните професори на Баухаус ја напуштија Германија. Особено по изложбата „Entartete Kunst“ ( „Дегенерирана уметност“), на која биле изложени многу дела од Баухаус, станало уште појасно за уметниците од оваа школа деха нив нема иднина во Хитлерова Германија.

Долго време приказната на уметниците од Баухаус во Третиот Рајх се раскажуваше преку биографиите на уметниците што заминаа во егзил, но и на тие што беа убиени во логорите. Како хрватската Еврејка Оти Бергер, студентка на Баухаус, убиена во Аушвиц. Тие уметници и студенти на Баухаус, кои имале еврејско потекло, биле комунисти или се противеле да поднесат доказ дека имаат „ариевско потекло”, како Паул Кле, биле, во најдобриот случај, протерани од Германија. Неговиот најблизок пријател на Баухаус, Василиј Кандински, пребегал во Франција. Гропиус заминал во егзил во Америка, каде што продолжил да ја остварува својата визија.

Досега немаше интерес за тоа што се случило со тие професори и студенти на Баухаус што останале во Германија на Хитлер. На една изложба во Вајмар во 2024 беше документирана активноста на некогашни студенти и професори на Баухаус во нацистичка Германија.Оваа изложба е првата на темата „Баухаус и националсоцијализмот”.Изложени беа 450 објекти и дела од приватни збирки, но и од познати музеи во Европа и во САД. На изложбата е докуметирана историјата на политичките борби околу Баухаус од 1919 – 1933, од Вајмар до Берлин.

 

Валтер Гропиус , основачот на Баухаус
Фотографија: picture-alliance/akg-images

Знаењето стекнато во Баухаус понудено на наци-пропагандата

Главната секција на изложбата беше посветена на биографиите на уметници од Баухаус во диктатурата од 1933-1945. Најголемиот број од тие што останале во Германија се прилагодиле на новата власт. Знаењето стекнато во Баухаус, некои од нив го понудиле на наци-пропагандата. Други изработувале дизајн за предмети за секојдневна употреба. Творецот на денес култната столна лампа, Вилхелм Вагенфелд, која ја изработил како студент на Баухаус 1923-24, по 1933 продолжил да твори модерен дизајн, иако се вели дека се обидувал да биде на дистанца кон режимот на Хитлер.Прочуениот професор на Баухаус, Герхард Маркс, е творец на биста на Хитлер. На фотографии од 1935-37, Хитлер седи на прочуена столица од Баухаус, дело на професорот Марсел Бројер. А тоа значи дека и на нацистите им се допаѓала естетиката на Баухаус, иако ги гонеле нејзините визионери како Гропиус.

 

Изложбата од 2024 за соработката на некогашни уметници од Баухаус со нацистичкиот режим, покажува дека не сите кои таму студирале биле доволно резистентни пред искушенијата на власта. Затоа што модерниот дизајн, кој може да биде омилен и од тираните, прави неговите творци да бидат и самите инструментализирани од власта, доколку сакале да преживеат. Најтрагичното сведоштво за присилната соработка со нацистите е тоа на авторот на дизајнот на буквите во натписот во железната капија на влезот во логорот Бухенвалд крај Вајмар – „Jedem das Seine“ („Секому заслуженото“).Франц Ерлих, некогашен студент на Баухаус, 1937 како комунист бил затворен во логорот Бухенвалд, каде што бил присилен да соработува. Еден друг некогашен апсолвент на Баухаус, Фриц Ертл, направил проект за бараките во Аушвиц, најверојатно доброволно. Тоа значи дека во нацистичка Германија не биле гонети сите кои биле професори или студенти на Баухаус. Впрочем, од 1253 студенти на Баухаус од 1919 до 1933, повеќе од 300 заминале во егзил, 569 останале во нацистичка Германија, а не се знае што се случило со 363 студенти.

 

Баухаус и неговата приказна не губат на значење со новите сознанија за однесувањето на некогашни професори и студенти во Хитлерова Германија. Визијата на професорите на Баухаус остана за нацистите стигматизирана како „еврејска” и „болшевистичка”, иако самите радо ги употребувале објектите од Баухаус и ги ползувале нивните модерни сознанија.Тоа само говори за безскрупулозноста на злото.Баухаус останува симболот за апсолутниот модернизам, но и за социјалната теорија за подобри услови за живеење на сите граѓани. Неговата модерност и денес ги дразни реакционерните политичари на десната партија AfD во Германија. Еден од нив, од покраинската влада на Саксонија-Анхалт побара да се стигматизира Баухаус, (заштитен како светско културно наследство како симбол на Модерната), затоа што школата била глобалистичка и непријателска кон народните германски интереси. Најдобро било германските архитекти да се инспирираат од архитектурата од почетокот на 19-от век, а не од Баухаус. Со тоа оваа партија покажува дека е неинвентивна и слепо ги копира старите нацисти на Хитлер, за кои Баухаус беше исто така премногу космополитска уметничка школа. Секако, неговото барање беше одбиено од покраинската влада.(dw)

Кица Колбе

Back to top button
Close