Предлогот на ВМРО-ДПМНЕ е само уште еден обид да се одложи пописот, смета Шекеринска
Кога една партија неколку месеци пред пописот што сите го чекаме речиси 20 години, ќе ви даде предлог да се купат илјадници апарати за чија набавка не само што требаат пари, туку треба и долг временски период, тоа практично покажува дека повторно не сака да има попис.
Ова денеска го изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска по отворањето на стрелиштето на Армијата и на МВР во касарната „Илинден“, на кој присуствуваше заедно со министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
-Тоа е истата партија која еднаш тргна во попис, самата ги рушеше правилата на попис. Потроши 4 или 7 милиони евра и потоа рече „пу пу не важи“. Оваа држава не може веќе ништо да планира и не може да личи на сериозна држава ако уште еднаш го одлага пописот. И овој предлог на ВМРО–ДПМНЕ е само уште еден обид да се одлага пописот и да се проблематизира за да не се покаже дека кога државата сака да има попис, може да има попис, рече Шекеринска, одговорајќи на новинарско прашање.
Таа потсети дека сличен предлог имаше и пред неколку години, кога, како што рече, имавме време да планираме изборна реформа, да гарантираме дека навистина граѓанинот кој е на избирачката листа е гласач. ВМРО-ДМНЕ, како што нагласи, тогаш целосно го блокираше иако тогаш имавме време тоа да го направиме.
-Не само што се лицемери, не само што едно говорат пред неколку години, а сега друго. Туку навистина овој отпор да се претставиме како држава во сериозно светло и да знаеме какви економски, какви социјални, какви демографски проблеми и потреби имаме е навистина неодговорен кон државата. Ова е само нов предлог да се купи време и повторно да пропадне идејата за попис, изјави Шекеринска.