Предлогот за разрешување стигна до Коцевски – тој писмено ќе одговори
Предлогот за разрешување стигна до републичкиот обвинител, Љупчо Коцевски кој најави дека писмено ќе одговори на тврдењата на Владата која бара негово разрешување.
– До Јавниот обвинител на Република Северна Македонија денеска од страна на Советот на јавните обвинители е доставен предлогот за негово разрешување поднесен од страна на Владата. Јавниот обвинител ќе го разгледа и писмено ќе се произнесе во законски предвидениот рок – велат од Обвинителството.
Владата го прати предлогот до Советот на јавни обвинители на 27 февруари, а таму стигнал на 4 март и веднаш е пратен до Обвинителот за да достави одговор.
Откако Советот ќе го добие одговорот од Коцевски, должен е во рок од 15 дена од денот на приемот на предлогот да достави писмено образложено позитивно или негативно мислење.
На седницата на Советот на јавни обвинители на која ќе се расправа по предлогот на Владата, републичкиот јавен обвинител не учествува, а доколку Советот од оправдани причини не достави мислење до Владата, рокот се продолжува за 15 дена, а ако и тогаш не биде доставено мислење, се смета дека не го поддржуваат предлогот на Владата.
На седницата од 25 февруари, Владата го усвои предлогот за разрешување на јавниот обвинител Љупчо Коцевски. Предлогот треба да биде испратен до Советот за јавни обвинители, кој има 15 дена да даде мислење. Ако не успее да реагира во тој рок, тој се продолжува за уште 15 дена. Ако и тогаш нема мислење, се смета дека Советот не го поддржува предлогот, а потоа Владата го доставува предлогот до Парламентот за конечна одлука.
Премиерот Христијан Мицкоски од собраниска говорница ги повтори критиките за работата на Коцевски, но и за бонусите на поранешните специјални обвинители од СЈО.
– Дадовме шанса што може да направат, дали може да излезат од таа политичка матрица во која поединци се наоѓаат, не сите. Не влеговме како другите влади, од прв ден да се пресметуваме со обвинителот и да правиме маратонски седници и да менуваме закони. Рековме да оставиме простор, но освен внатрешна пресметка со неистомисленици во рамките на Обвинителството, која се случи како резултат на процеси во заднина како исплатените дневници за поранешните специјални обвинители, друго ние не видовме – рече Мицкоски.
Коцевски, пак, е сигурен дека работел професионално и етички и рече дека ако се утврди дека навистина има тешка дисциплинска повреда, тој сам ќе се повлече од функцијата.
– Одлуката ја оставам на политичарите. Јас строго сум работел и сѐ уште ќе работам согласно Законот. Условите, доколку се исполнети согласно Законот за ЈО, стојам на тоа да ме разрешат, меѓутоа, доколку не се исполнети условите согласно Законот за ЈО, јавноста ќе цени дали ќе бидам разрешен на законит начин или на незаконит – изјави Коцевски.