Прекинати преговорите за иранскиот нуклеарен договор

Преговарачите од Иран и шесте светски сили ги прекинаа денеска разговорите за заживување на нуклеарниот договор од 2015 година, и се враќаат во своите земји на консултации, бидејќи останатите разлики не можат лесно да се надминат, потврди шефот на иранската делегација Абас Аракчи

– Поблиску сме до договор од кога било, но остануваат некои разлики во ставовите кои не можат лесно да се надминат и тоа не е едноставна работа. Затоа вечерва се враќам во Техеран, истакна Аракчи во интервју за иранската државна телевизија.

Во Виена од април се водат преговори за чекорите кои треба да ги преземе Иран во врска со нуклеарните активности и САД во врска со санкциите, со цел да се постигне целосна согласност за нуклеарниот договор, од кој администрацијата на поранешниот американски претседател Доналд Трамп се повлече во 2018 година и воведе санкции против Техеран.

– Пополнувањето на празнините во договорот бара одлуки кои главно треба да ги донесе другата страна (Вашингтон). Се надевам дека во следниот круг од преговорите ќе се надминат недоразбирањата во преговарачкиот процес, нагласи Аркачи.

Засега не е најавено кога ќе продолжат формалните преговори.

Back to top button
Close