Преку Советот на Скопје, 117 лица добија функции по одбори, Цаневска вели “изгласани се без дa ги видиме биографиите

На денешната седница, градските советници дискутираа, а потоа и разрешија и именуваа в.д. членови на надзорни и управни одбори на јавни претпријатија и установи, и тоа без да располагаат со какви било информации за нив. Станува збор за 117 лица, од кои околу дваесетина веќе биле дел од одборите во претходниот мандат.
Советниците требаше да гласаат единствено за имињата, бидејќи не им беа доставени биографии со кои би можеле да ја проценат професионалната подготвеност на кандидатите за задачите за кои се избрани. Но тоа не ги спречи членовите на Советот од ВМРО-ДПМНЕ и од партиите во нивната коалиција да ги изгласуваат предлозите.
Биографиите на избраните членови биле доставени до надлежните комисии на Град Скопје, но не и до советниците, бидејќи содржеле лични податоци. Ова објаснување, не беше прифатено од советниците на опозицијата.
„Денес треба да гласаме за 117 членови на управни и надзорни одбори, а ние не знаеме кој се тие, освен нивните имиња. Не бараме матични броеви или број на кондури, туку сакаме да знаеме какво образование имаат и како можат да придонесат во работата на претпријатијата и установите. Бараме да видиме дали се стручни и да ги имаме нивните биографии,“ изјави координаторката на советничката група на СДСМ, Катерина Цаневска Арсовска.
Таа потсети дека Орце Ѓорѓиевски во предизборната кампања ветувал транспарентност, но она што се случува сега е целосно спротивно на тоа.
Советничката од Левица, Дарја Мустафаоглу посочи дека е незаконско именувањето на в.д. членови на одборите, дека во законот е наведено во кои случаи тоа се прави.
Но, за градоначалникот сѐ е според закон.
„Станува збор за лица за кои биле доставени биографии за сите в.д членови на надзорни одбори. Целта на ваквото постапувања, кое е целосно законско, е да не блокираат јавните претпријатија и да бидат коректори на директорите“ – рече градоначалникот.
ГРАД СКОПЈЕ
КАТЕРИНА ЦАНЕВСКА






