Прекугранична операција за сузбивање на глобален сервис за кибер-криминал


Агенциите за спроведување на законите во Германија, САД и Обединетото Кралство го затворија глобалниот претплатнички сервис за кибер-криминал RedVDS, кој им овозможуваше на корисниците да вршат масовни онлајн измами, соопштија денеска германските власти.

Истражителите вчера запленија сервери на RedVDS во Германија, соопштија обвинителите во Франкфурт и криминалистичката полиција во источната покраина Бранденбург, без да ја откријат точната локација на центарот за податоци.

Според Мајкрософт (Microsoft), кој беше вклучен во заедничката акција, RedVDS овозможувал пристап до „виртуелни компјутери за еднократна употреба кои работат на нелиценциран софтвер, вклучително и Windows, дозволувајќи им на криминалците да дејствуваат брзо, анонимно и прекугранично“.

Овие алатки им овозможувале на кибер-криминалците да испраќаат голем број „фишинг“ (phishing) е-пораки за да добијат пристап до компјутерски системи.

Измамниците потоа можеле да украдат пари или чувствителни податоци претставувајќи се како доверлива трета страна, фалсификувајќи податоци за банкарски сметки или испраќајќи лажни фактури.

– За само еден месец, повеќе од 2.600 различни виртуелни машини на RedVDS испраќале во просек по 1 милион фишинг пораки дневно само до корисниците на Мајкрософт, соопшти компанијата.

Експертите проценуваат дека штетите предизвикани од нападите овозможени преку RedVDS изнесуваат стотици милиони долари. Според Мајкрософт, загубите од измами од март 2025 година поврзани со RedVDS изнесуваат околу 40 милиони евра само во САД.

Меѓу погодените компании е фармацевтската компанија „H2-Pharma“ со седиште во Алабама, која изгубила повеќе од 7,3 милиони долари поради шемите на RedVDS, додека здружение на сопственици во Флорида „било измамено за речиси 500.000 долари – средства собрани од жителите и сопствениците на имот за неопходни поправки“.

Бројни германски компании и власти исто така биле жртви на нападите, соопштија агенциите за спроведување на законот.

Досега не се уапсени осомничени, а се верува дека одговорните за сервисот се наоѓаат на Блискиот Исток, пренесе ДПА

Back to top button
Close