Премиерот Ковачевски утре ќе учествува на Самитот за Западен Балкан во Берлин

Владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски утре ќе учествува на средбата на лидерите на земјите од Западен Балкан во рамките на Самитот за Берлински процес, што се одржува во германскиот главен град Берлин.

Како што соопшти владината Прес-служба, во состав на владината делегација ќе бидат вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Предвидено е на самитот да се одржат неколку сесии на кои премиерот Ковачевски заедно со лидерите од Албанија, Србија, Косово, БиХ и Црна Гора, ќе дискутираат за регионалната соработка и заеднички регионални пазари, за енергетска стабилност и трансформација, како и за перспективите на Берлинскиот процес и стратешките прашања.

За време на Самитот ќе бидат потпишани и три регионални договори за мобилност, кои се однесуваат на признавање на високообразовните квалификации во Западен Балкан, меѓусебно признавање на високообразовните квалификации за докторите по медицина, денталната медицина и архитектите, како и за слобода на движење со лични карти меѓу земјите во регионот.

Фокус на Берлинскиот процес е зајакнување и унапредување на соработка помеѓу земјите од Западниот Балкан со поддршка на Европската Комисија, во делот на реформските процеси, заедничките пазари, меѓусебно признавање на професионалните квалификации и слободно движење на луѓе и стоки, со цел да се придонесе за забрзан регионален економски раст и развој на регионот.

Back to top button
Close