Припадниците на средната и постарата генерација се повеќе инвестираат во биткоини

Припадниците на постарите возрасни групи, т.н. Бејби Бумери (Baby Boomers) и  Генерација Икс (Generation X) ги удвојуваат своите инвестиции во криптовалутата биткоин (БТЦ) секој месец од февруари, покажуваат податоците собрани од аналитичарите на лондонската платформа  Мод Банкинг (Mode Banking).

Податоците укажуваат на пошироко прифаќање на оваа криптовалута, која досега главно го привлекуваше вниманието на младите луѓе, пренесува СЕЕБиз.

Бејби бумери се оние кои се родени од крајот на Втората светска војна до средината на 1960-тите, а Генерација Икс од средината на 1960-тите до 1979 година.

Растот на инвестициите во биткоини, Мод Банкинг го забележа во март, кога се случи колапс на светските пазари, а многу земји воведоа рестриктивни мерки поради епидемијата на коронавирус.

Како што се развиваше пандемијата, бејби бумерите и оние од Генерација Икс продолжија да ги зголемуваат инвестициите на платформата Mode Banking. Припадниците на тие две генерации инвестирале во биткоини 2,24 пати повеќе во март отколку во февруари, 4,49 пати повеќе во април и неверојатни 8,88 пати повеќе во мај.

Со истражувањето се споредува просечниот месечен раст на инвестициите во биткоин меѓу различни генерации, пред и за време на пандемијата на коронавирус.

Милениумците, родени меѓу 1980 и средината на 1990-тите, и припадниците на Генерација зед (родени меѓу средината на 1990-тите и почетокот на 2010-та) доминираа на скалата на инвестиции, кои месечно се зголемуваа за 118 проценти пред епидемијата и 125 проценти за време на неа.

Во јануари и февруари, пред епидемијата, вложувањата на повозрасната генерација во биткоин се зголемуваше речиси двојно побавно од инвестициите на помлада генерација (61 процент во однос на 118 проценти).

Сепак, за време на пандемијата, бејби бумерите и Ггенерација Икс ги забрзаа инвестициите значително повеќе од Милениумците и Генерацијата зед (107 наспроти 125 проценти).

Back to top button
Close