Припадник на Секторот од крим техника при МВР, сведочеше во случајот „Монструм“
Припадник на МВР, од Секторот за крим техника, денеска сведочеше за неговите постапки за 12 април 2012 година во Смилковско Езеро, местото каде се изврши петкратното убиство. Сведокот кој и денеска е вработен на истото работно место во Кривичниот суд Скопје, истакна дека тој ден бил повикан како логистика.
– Ми се јавија дека се работи за голем случај и требат повеќе луѓе. Увидот на местото на настаното траеше до утринските часови. Јас бев ангажиран за осветлување на теренот, одбележување на бројки. Ништо не преземав без наредба. Следниот ден исто така бевме на место на настанот за да во дневни услови уште еднаш го пребаруваме местото. Не се задржавме многу, рече сведокот од МВР.
Воедно, тој наведе дека на работа после слушнал дека уште нешто е пронајдено, но не разбрал за што се работи.
Во предметот „Монструм“ за петкратното убиство кај Смилковско Езеро што се случи на 12 април 2012 година обвинети се Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Африм Исмаиловиќ, Алил Демири, Хаки Азири и Сами Љута. Африм Исмаиловиќ и Алил Демири се во бегство во Косово и досега не се екстрадирани.
Петмината беа осудени на доживотен затвор, но Врховниот суд во декември 2017 година ја укина пресудата, а случајот „Монструм“ потоа го презеде СЈО и судењето почна од почеток. Го води обвинителката Фатиме Фетаи
Во петкратното убиство кај Смилковското Езеро настрадаа четири момчиња: Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски и Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски.