Приведен е главниот уредник на рускиот независен медиум „Новаја Газета“
Главниот уредник на рускиот независен медиум „Новаја Газета“, Сергеј Соколов, беше приведен денеска во Москва, а неговата куќа беше претресена, соопшти неговата редакција. Според руски медиуми, Соколов е испрашуван во притвор во рамките на истрагата за „нелегална употреба на лични податоци“.
Русија ги заостри законите за цензура и го засили притисокот врз независните медиуми откако започна војна во Украина во 2022 година, а меѓународната организација „Репортери без граници“ тврди дека 50 новинари и други медиумски работници се во руски затвори, јавија западни медиуми.
„Новаја Газета“ е основана во 1993 година и е позната по своите истраги за корупција и критичко известување за руската политика.
Еден од нејзините новинари, Олег Ролдугин, беше уапсен во април под обвинение за злоупотреба на лични податоци, за што му се заканува затворска казна од 10 години.
Поранешниот главен уредник на „Газета“ Дмитриј Муратов ја подели Нобеловата награда за мир за 2021 година и им ја посвети на шестмина свои колеги кои беа убиени поради нивната работа.






