Призма- „Талир“ – прирачник за преживување на политичката корупција

Коментар на Васко Маглешов

Предметите „Талир“ беа едни од ретките случаи што не се занимаваат само со корупција кај еден функционер. Тие требаше да дадат одговор дали политичката партија која десет години беше на власт преку злоупотреби дојде до пари и многу имот. Овие предмети со пресуда требаше да исцртаат јасна граница меѓу партијата и државата.

Заедно со „Таргет-Тврдина“ случајот за прислушувањето и „Титаник“ за злоупотреба на средства за изборна кампања, беа најважните случаи што ги отвори СЈО. А важни се затоа што за првпат кај нас обвиненијата ги скицираа обрасците за злоупотреба на политичката моќ.

Во првото обвинение „Талир“ Никола Груевски, петмина поранешни функционери и самата партија беа обинети за противзаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ. Уште пред да почне судењето, обвинетата Елизабета Чингаровска, како потписничка на партиската сметка призна вина за перење пари и доби условна казна.

Скоро осум години подоцна, по безброј нови почетоци, претежно поради промена на судии и поротници, предметот до денес нема ниту првостепена пресуда.

Вториот предмет „Талир 2“ за противправна градба на партиското седиште познато како белата палата и купувањето партиски имот заврши вчера по вторпат со ослободителна пресуда.

Истата судијка, Данила Алексовска Стојановска, во 2022 веќе еднаш го осуди Груевски на затвор од шест години, па тогаш рече дека „ниту едно одговорно лице во политичка партија не треба да се осмели да стори такво или слично кривично дело“. Но, оваа силна порака на судијката се изгуби во времето, затоа пресудата не опстои.

Вчерашната ослободителна пресуда, пак, испрати сосема поинаква порака, дека функционери од партиите на власт може да ја злоупотребуваат политичката моќ, затоа што е извесно дека за тоа нема да одговараат.

Пиши исто

Слична судбина како „Талир 2“, извесно е дека ќе доживее и случајот „Талир 1“ и поради долгото судење и поради измените на Кривичниот законик.

Судијката рече дека го ослободила Груевски главно поради измените на Кривичниот законик. Тие измени беа донесени за време на владеењето на СДСМ и ДУИ со кворум што го обезбеди тогаш опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Со нив описот на дејствијата на кривичните дела злоупотреба на службена положба и овластувања суштински беше променет, а затворските казни значително скратени.

Еден час присутните во судницата слушаа што е искористување, што е пречекорување, а што неизвршување на службените дејствија, кога судијката ја читаше пресудата. Целта беше да се убеди јавноста дека оваа втора одлука, која е различна од првата, е правно издржана токму поради ваквиот законски „инженеринг“.

Но, остана нејасно зошто не претставува злоупотреба тоа што обвинетиот Груевски со неизвршување на службената положба требало, а не ја вратил разликата во пари што ја обезбедил од „Бетон“, ниту во буџетот, ниту на компанијата, а со тоа овозможил несразмерна корист. Но, тоа е прашање за стручна правна анализа.

Тоа значи дека и во овој случај, како и во предметот со прислушувањето, повторно нема да биде јасно што се случило, бидејќи за иста фактичка состојба судот донесува две спротиставени пресуди, а нема време да се преиспита втората, бидејќи делото застарува на 31 август.

Обвинителството можеше да бара конфискација на спорниот партиски имот во посебна постапка, но сега тоа не е возможно поради ослободителната пресуда.

Целиот коментар на Призма мк

Back to top button
Close