„Призма“: Временска дупка на часовниците на Мицкоски
БИРН приближно идентификуваше два од часовниците на премиерот. Луѓето, чие хоби се часовниците, на неговата рака препознаа луксузни „парчиња“ од престижниот бренд „IWC шафхаузен“
Рачните часовници денес повеќе служат да го покажат имотниот статус отколку точното време. Впрочем, дигиталните часовници на телефоните се далеку попрецизни и од најдобриот „ролекс“ и од најскапиот „патек филип“. Оттаму се подразбира интересот на јавноста за скапите часовници што новиот премиер Христијан Мицкоски ги пријави во имотниот лист во Антикорупциската комисија, пишува „Призма“.
Според информациите што тој ѝ ги дал на Антикорупциска, премиерот поседува повеќе рачни часовници, чија заедничка вредност за малку ја надминува сумата од 52 000 евра. Високата вредност укажува дека Мицкоски на левата рака менува неколку луксузни часовници, а не уверливите кинески реплики што може да се нарачаат од Али експрес за неколку стотици евра.
Меѓутоа, во анкетниот лист за неговиот имот нема информации колку часовници поседува премиерот, ниту од кој производител се. Овие податоци не ги обезбедивме ниту од неговите соработници, иако минатата недела испративме прашања.
Забележавме и недоследност во имотните листови што Мицкоски ги поднел како директор на ЕЛЕМ (денешно ЕСМ) меѓу 2016 и 2017 година, споредено со имотниот лист што го поднел сега како лидер на владејачкото мнозинство.
БИРН се обиде да добие одговор на овие дилеми, меѓутоа до објавувањето на овој текст немаше реакција од кабинетот на претседателот на владата.
Целиот текст прочитајте го тука.