Призна вина за мито и побара да и се вратат 6.000 евра од конфиксуваните – почна судењето за ИПАРД фондовите

Помладата соработничка во министерството за земјоделство призна вина и дека земала мито од 2 000 евра. Но си бара назад 6 илјади бидејќи при претресот полицијата и запленила вкупно 8 илјади евра. Јасмина Костадинова слушајќи ги зборовите на обвинителката плачеше и рече дека се кае, а признанието го дава без да е под притисок од друг.
Костадинова е една од 9 темина обвинети кои требало да помогнат фирма која не била меѓу рангираните да земе пари од европските ИПАРД фондови.
„Секако дека само врз основа на едно признание на вина и обвинителството се согласува дека не може да се занова една пресуда. Межутоа едно признание на вина дадено од обвинетиот во корелација со сите други докази кои обвинителстовто ќе ги изведува во текот на наредните главни расправи ќе биде само една коцка во мозаикот“, рече обвинителката Наташа Поп Трајкова.
„Факт е дека со потврда за одземени предмети се одземени 2 000 евра, а друго е прашањето по однос на тие две илјади евра таа мислела и сакала да ги врати. Но тоа сега не е битно. Но дека другите обвинети реагираат дека со тоа и тие се обвинети, и ќе имаат пресуда за тоа што таа дала признание, тоа е работа за нивните бранители“, рече адвокатот Ѕвонко Давидовиќ.
Во случајот е обвинет и поранешниот директор на Агенција за финансиска поддршка Илија Стоилев. Првообвинет е Џевдет Насуфи, поранешен министер за правда и за локална самоуправа во владата на Љубчо Георгиевски, како директор на фирмата „Сигнас-Арго“ од струшко Велешта. Се товари дека им дал 5.000 евра на тројца луѓе да влијаат на Стоилев кој требало да добие 50.000 евра за да стави потпис на проектот на фирмата за да добие пари од ИПАРД 3 програмата. Полицијата, според обвинението, го фатила Стоилев со првите 400 евра дадени на рака.
Обвинителството побара судот кога ќе одлучува каква казна ќе изрече да има пред вид дека се работи за злоупотреби на европски пари. За адвокатот на Костадинова пак тоа не е отежителна околност.
„Треба да се има пред вид дека дел од овие фондови се и од државни фондови од страна на државата. Во прашање не се само фондовите од едвропските даночници туку во прашање е и кредибилитетот на државата пред ЕУ“, вели Наташа Поп Трајкова – обивнител
„Треба да почнеме да се цениме себе си самите, па и нашите пари да се вредни како што се европските. Не може вие да фаворизирате туѓи пари а своите пари да не ги почитувате и цените. Јас не реков дека не се важни“, рече Ѕвонко Давидовиќ – адвокат
Инаку после случајот Европската комисија ја стопираше исплатата на 2,9 милиони евра од ИПАРД кои требаше да легнат на сметката на државата до крајот на јануари годинава. Пред два дена Министерството информираше дека конечно парите се одблокирани. Костадинова се брани од домашен притвор, а пресудата ќе ја слушне во понеделник. За останатите процесот продолжува на 11 мај.






