Проектите висат, кадри на УСАИД пратени на „отсуство“
Неизвесност владее во граѓански организации кои се корисници на американска помош во Македонија, најчесто преку проектите кои се спроведуваат со помош на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Освен неизвесност, владее и воздржаност.
„Не би избрзувале со оценки, да почекаме“, беше кусиот одговор од една од организациите, откако извршната наредба на американскиот претседател Доналд Трамп за замрзнување на помошта за странство на 90 дена (oсвен за Израел и Египет) ги засегна и тековните проекти на УСАИД во 158 земји, меѓу кои и во Македонија. Неофицијално, велат дека не им е сосема јасно дали проектите се привремено прекинати заради преразгледување или тоа е само поблаг израз за целосно прекинување.
Таквата дилема извира од фактот што одлуката не се однесува на идни, туку на сите тековни проекти без оглед до кој степен на реализација се во моментов. Во моментов во земјава има околу 20-тина тековни програми на УСАИД, во различни области, но и неколку регионални проекти во кои е вклучена Македонија.
Обемна поддршка
Во такви проекти во изминатите години беа вклучени многу граѓански организации, но и институции. За илустрација, со поддршка од Проектот на УСАИД за граѓанско учество во Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) пред две години беше отворен тренинг центар, чија цел е јакнење на свеста и знаењето во борбата против корупцијата за вработените од институциите на централната и локалната власт, вклучително и пошироката јавност. Ова е само една капка во морето од проекти, а меѓу последните потпишани од декември 2024 година беше писмото за соработка помеѓу Фондот за здравствено осигурување и проектот на УСАИД за партнерство против корупција, кој требаше да биде спроведуван од страна на Менаџмент системс Интернешнл, компанија на Тетра Тек.
Целта на проектот беше зголемување на финансиската транспарентност и подобрување на функционалноста на системот на е-здравство, како и промовирање на интегритетот и одговорноста во управување со ФЗО во текот на 2025 година.
УСАИД во изминатите години ја поддржа Македонија во разни проекти – од зајакнување на независноста и транспарентноста на судскиот систем, подобрување на парламентарниот надзор, подобрување на конкурентноста, до проекти за поефикасна работа на јавната администрација, за подобрување на деловното опкружување, зголемување на конкурентноста на малите и средни претпријатија, проекти за млади, за социјална кохезија преку етничка интеграција и бројни проекти во образованието.
Гутереш изразил загриженост
Хуманитарни и невладини организации ширум светот со загриженост ги следат новите планови на Вашингтон. Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, изразил загриженост поради одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп за замрзнување на помошта на САД за странство на 90 дена, период во кој ќе се преразгледаат доделените средства за да се види дали тие се во согласност со неговата надворешна политика, објави Ројтерс, цитирајќи го портпаролот на генералниот секретар на ОН, Стефан Дужарик.
„Генералниот секретар повикува да се разгледаат дополнителни исклучоци за да се гарантира продолжување на средствата за критичено важен развој и за хуманитарни активности за најранливите заедници ширум светот чии животи и егзистенција зависат од оваа поддршка“, изјавил Дужарик.
„Масакр во понеделник попладне”
Ројтерс објави и дека администрацијата на Трамп испратила на „административен” одмор меѓу 57 и 60 високи функционери од кариера во УСАИД. Во минатата саботата персоналот на УСАИД бил повикан да помогне во трансформирањето на начинот на кој Вашингтон ја распределува помошта низ светот, во согласност со политиката на Трамп „Америка на прво место“.
Но, во интерна белешка испратена до вработените во УСАИД вчера (27.1), било наведено дека биле идентификувани неколку активности во Агенцијата кои „се чинело дека биле дизајнирани да ги заобиколат извршните наредби на претседателот и мандатот од американскиот народ“. Како резултат на тоа, дел од вработени во УСАИД биле ставени на административно отсуство со целосна плата и бенефиции до понатамошно известување, се додека не заврши анализа на тие активности – објави Ројтерс цитирајќи дел од белешката во која имале увид.
Оние кои биле испратени на одмор биле на раководните позиции на бироа на УСАИД за различни проектни сектори, но и од канцеларијата на генералниот совет на Агенцијата. Еден од вработените тоа го опишал како „сериозно демонтирање на целата Агенција“, а друг изјавил дека „луѓето тоа го нарекле масакр во понеделник попладне”.(dw)