Професори на Универзитетот во Тетово, на Југоисточна Европа и „Мајка Тереза“, со забелешки и предлози во врска со Предлог-Законот за Високо Образование
Професори на Универзитетот во Тетово, Универзитетот на Југоисточна Европа и Универзитетот „Мајка Тереза“, преку ова отворено писмо изразија забелешки, загрижености и предлози во врска со Предлог-Законот за Високо Образование, кој во моментов е во фаза на подготовка и одобрување.
Нивната реакција ви ја презентираме во целост:
Свесни за потребата од унапредување на високото образование и негово усогласување со европските стандарди, оценуваме дека некои од предложените решенија претставуваат сериозно мешање во автономијата на универзитетите, која е загарантирана со
Уставот на државата и меѓународните стандарди во областа на образованието. Предвидувањето на органот „Универзитетски совет“, со значително зголемување на надлежностите и со замена на функцијата на повисоките органи како што се
Сенатот и Ректорската Управа, како и фактот дека некои од неговите членови се назначени од Владата, создава основа за директно политичко
влијание врз управувањето на универзитетите и ја нарушува институционалната автономија и академската независност.
Исто така, одредбите што овозможуваат статусни промени (присоединување, спојувања итн.) на универзитетите по иницијатива на Министерството за Образование и Наука без квалификувана согласност (2/3) од составните единици и Сенатот, отвораат можности за институционална нестабилност и создаваат правна несигурност за академскиот кадар и студентите.
Во областа на изборите во наставно-научните звања, предложените услови се поставени на ниво кое, во пракса, се покажува како речиси неисполнливо, особено во некои специфични научни области. Обврската за објавување трудови во списанија индексирани во Web of Science, со дополнителен акцент на H-индексот како критериум, не ги зема предвид спецификите на општествените и хуманистичките науки, каде што бројот на релевантни списанија е ограничен, а процесот на рецензија и објавување може да трае повеќе од една година.
Оценуваме дека постои реален ризик дека преку овие предложени измени, улогата на нашите научни списанија, кои со години придонесуваат за развојот на националната научна мисла и академска традиција, ќе биде маргинализирана.
Исто така, утврдувањето на одредба според која само првите четири рангирани универзитети ќе имаат право да организираат докторски студии, оценуваме дека овозможува нееднаквост и дискриминаторски третман меѓу високообразовните институции и наместо поттикнување на квалитетот преку поддршка и развој, се воспоставува модел што ги ограничува можностите на другите универзитети. Сметаме дека реформите во високото образование треба да бидат резултат на широк, сеопфатен и транспарентен дијалог со академската заедница.
Веруваме дека закон што ја ограничува автономијата, создава нееднаквости и воспоставува неприменливи критериуми не може да придонесе за вистински квалитет и европеизација на системот. Поради оваа причини, бараме:
1. Повлекување или суштинска ревизија на одредбите што ја нарушуваат автономијата на универзитетот.
2. Преиспитување на критериумите за избор во огласот, почитувајќи ги спецификите на различните области.
3. Обезбедување еднаков третман за сите акредитирани универзитети во однос на организацијата на студиите, особено во третиот циклус.
4. Отворање широка јавна и стручна дебата пред усвојувањето на конечната верзија на законот.
Веруваме дека само преку партнерство меѓу институциите и академската заедница може да се донесе закон што навистина ќе го унапреди високото образование во Република Северна Македонија.
Од горенаведените причини, бараме од надлежните органи да ја поддржат оваа иницијатива и Предлог-Законот за Високо Образование да биде одобрен од сите општествени фактори, особено од академската заедница







