АХВ се предомисли: Немоќна да се справи со кравите, сега вели дека Митовски е надлежен да ги собере

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) најостро реагира на изјавата на Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, дека локалната самоуправа нема никаква законска надлежност да постапува во справувањето со проблемот со говедата кои лутаат низ градот и нанесуваат штета и на земјоделските поседи и во околните села.

„Го потсетуваме Митовски дека неодговорно е кон сопствените граѓани и жители на паланечките села тој да се иззема од одговорност која ја има во овој случај, бидејќи согласно Законот за јавна чистота, член 14 став 1 точка 11, контролата на одржувањето на јавните површини односно чување и напасување на крупен добиток (вклучително и на говеда) на јавни површини ја има токму Општината. Ако сакаше, Митовски и досега можеше да го реши проблемот, сам или со помош од некои поранешни функционери, негови сограѓани, кои беа во врвот на претходната Влада.

Говедата ниту се размножија во толку голем број за година и половина, ниту може инстантно да се соберат, во услови кога со Агенцијата не соработува Општината која е подеднакво одговорна за решавање на проблемот. Како одговорна институција, во интерес на граѓаните на Крива Паланка и околните села, го повикуваме Митовски конечно да почне да го почитува законот и да соработува со Агенцијата, за трајно решение на реалниот проблем со кој се соочуваат жителите од овој крај“, велат од АХВ.

Според жителите на овие села, неконтролираното талкање на добитокот им создава проблеми во секојдневните земјоделски работи. Во изјави за медиумите, тие велат со години трпат штети на свои ниви и посеви, а загрозена им е и безбедноста во сообраќајот. Дел тврдат дека добивале закани од сопствениците на крупниот добиток, кои одбиваат да воведат ред или пак да ги предадат на надлежните државни институции.

На протестот вчера присуствуваше градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски кој за медиумите изјави дека општината нема надлежност во справувањето со проблемот, кој трае подолг период, но им дава поддршка на жителите во изразувањето на својот револт и барањето за ефикасна реакција од државата.

„Граѓаните на Крива Паланка на дневна основа се соочуват со сериозен проблем, во кој за жал и по долги ветувања од Агенцијата за храна и ветеринарство не се постапува по однос на решението кое е издадено од нивна страна повеќе од две години…Општината никаде и со никаква законска надлежност во вакви случаи нема овластување да постапува. Без да се дава политички контекст денеска сме тука да алармираме дека конечно треба да се најде решение на проблемот“,изјави градоначалникот на Крива Паланка, пренесе Телевизија Телма.

Момент од изјавата на градоначалникот на општина Крива Паланка, Сашко Митовски / Фото: Принтскрин од видеоприлог на Телевизија Телма

Од АХВ додадоа дека и во наредниот период ќе продолжи со активности за собирање на животните во интерес на граѓаните на Општина Крива Паланка

Back to top button
Close