Производителот на зелката вратена од Хрватска не употребувал забранет пестицид, вели Трипуновски
При спроведената контрола кај производителот на свежата зелка што неодамна беше извезена за хрватскиот пазар, а потоа беше вратена оттаму поради нејзина наводна неисправност, не е откриена употреба на забранети препарати за заштита. За ова денеска информира министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, додавајќи дека за спорната пратка е интервенирано веднаш.
„За пратката вратена од Хрватска веднаш беше интервенирано, беше проверено кој е производителот, кој е извозникот. Преку Инспекторатот за земјоделство направени беа дополнителни контроли, земени се мостри од извезениот градинарски продукт. Направените анализи испаднаа негативни, односно покажаа дека таков препарат не е употребен во земјоделската култура“, рече Трипуновски.
Министерот истакна дека не знае дали се работи за грешка на хрватските гранични контроли, но категоричен е дека кај посочениот земјоделец од земјава не се пронајдени недозволени пестициди, ниту, пак, направените анализи покажале употреба на забранети средства кај конкретниот градинарски продукт.
Минатата недела хрватските медиуми известија дека во зелка увезена од С Македонија се откриени остатоци од пестицидот имидаклоприд, кој е забранет во Европската Унија. Хемикалијата била откриена кога зелката била на хрватската граница, па инспекторите веднаш наредиле да се уништи целата пратка, која не влегла во земјата