Промоција на „Дискретниот шарм на македонскиот филм“ од Ана Василевска

на 10 април од 18.30 часот, на терасата на „Јавна соба“ во Скопје, ќе биде промовирана книгата „Дискретниот шарм на македонскиот филм“ на Ана Василевска.

Книгата „Дискретниот шарм на македонскиот филм“ од Ана Василевска, која претставува своевиден пресек на состојбите во домашната кинематографија во периодот од независноста на државата, безмалку до денес, ќе биде промовирана во „Јавна соба“ на 10 април (среда) од 18.30 часот. Промотори на книгата се режисерите Ана Опачиќ и Даријан Пејовски. Промоцијата ќе биде проследена и со џез концерт на нашите еминентни музичари со Гоце Стефковски квартет во состав: Гоце Стевковски, Дарко Мучев, Филип Динев, Кирил Кузманов.
На стотини страници, од перспектива на авторката, книгата дава опис на развојот на кинематографија во период од три децении, не исклучувајќи го влијанието, односно политичките и социолошките фактори врз промените во нашиот филм. Книгата како што вели авторката е „посветена на сите сонувачи што ги создадоа темелите на независната продукција и оние што беспоштедно ќе ги градат новите патеки“.
„На што можеа тогаш да се потпрат оние кои функционираа во дотогашниот организиран филмски систем, кој можеби не беше идеален, но беше единствено познат? И тука, точно како обид да се занимаваш со сервисирање вселенски летала во земја во која нема ниту авионска индустрија, земја втурната во транзиција и економска несигурност, почнаа да се реорганизираат тие филмски честички и да создаваат нова филмска историја. По три децении, храброста и лудоста на оние кои ги поставија темелите на независните продуцентски куќи оформија ново соѕвездие кое има достојно место на филмското небо. Овие редови немаат амбиција да калкулираат или, пак, да поентираат во празно, туку се обид да дадат еден базичен приказ на сите бури и мирни мориња што ја заплиснаа нашата кинематографија во изминатите триесет години“, се вели на почетокот на книгата.
„Дискретниот шарм на македонскиот филм“ е илустриран со плакатите од филмовите, што претставува нивна прва систематизирана објава на едно место, а вклучени се сите достапни плакати во архивата на Кинотеката на РСМ.
„Книгата стручно ги истакнува сите причини и последици од македонското филмско творештво од 1991 до 2021, години на политички премрежиња, на уметничко деморализирање, на општествено девалвирање, но и на одлучната македонска борба да се опстои, па дури и во филмска смисла, да се пронајде вистинскиот филмски збор, да се направи оптимален филмски избор, во разбрануваното море неприлики, оти ние сме борбен народ, нели. На страниците на ,Дискретниот шарм на македонскиот филм’, поместени се и историографски, но и статистички податоци за конкурентноста на македонскиот филм на најзначајните филмски натпреварувања“, пишува рецензентката на книгата Ана Кубин.
Ана Василевска, родена во Скопје во 1975 година е новинар, филмски теоретичар, критичар. Формалното образование го стекнува на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, како дипломиран филолог по македонски јазик со општа и компаративна книжевност, а магистерските студии по филмска и телевизиска режија, на Факултетот за аудиовизуелна уметност „ЕСРА“, Скопје.
Со професионално новинарство, насочено кон културата, со посебен фокус кон филмот се занимава од 1998 година. Автор е на стотици објави на рецензии, осврти, интервјуа, анализи и критики поврзани со филмот, пласирани во бројни печатени и електронски медиуми. Била уредник на ревијата за филм на првото електронско списание во Македонија, „Блесок“. Селектор и модератор на ревијалната програма „Мак поинт“ на ИФФК „Браќа Манаки“ во периодот од 2016 до 2019 година. Работела и како лице задолжено за односи со јавноста на бројни филмски проекти во македонска продукција. Иницирала, организирала и модерирала низа тематски трибини за македонскиот филм. Уметнички координатор е на првата манифестација за преглед на годишната филмска продукција, „Златна рамка“, денови на македонски филм 2019-2023 година. Медиуми во кои работела: Македонска телевизија, Дневник, Форум, Макфакс, Радио Равел, А1 он, Нова ТВ веб и други.
„Дискретниот шарм на македонскиот филм“ е нејзина прва објавена книга.
По промоцијата, книгата ќе биде достапна во книжарниците.

Back to top button
Close