Промоција на книгата „Избришаното уживање: Клиторисот и мислата” на Катрин Малабу
Тиииит! Инк. денеска со почеток во 19:00 часот, во просторот FRANZ (поранешен Клуб на новинари), ќе ја промовира книгата „Избришаното уживање: Клиторисот и мислата“ од француската филозофина и феминистичка теоретичарка Катрин Малабу.

Изданието е дел од книжевната едиција Vagina Dentata и претставува едно од клучните современи дела кое ги отвора прашањата за телото, сексуалноста и женското уживање низ призма на филозофијата, политиката и културната теорија.
Како што соопштуваат организаторите, промоцијата ќе се одржи во форма на разговор помеѓу уметницата Христина Иваноска, авторка на визуелниот идентитет на изданието, квир теоретичарот Славчо Димитров и уредничката Мања Величковска. Разговорот ќе го модерира Јана Коцевска, уредничка на едицијата Vagina Dentata.
Преводот од француски јазик е на Дарко Леитнер-Стојанов, лектурата на Виолета Танчева-Златева, а дизајнот и техничкото уредување ги потпишува Марија Смилевска.
Катрин Малабу е една од најзначајните современи филозофини. Во своите истражувања и во пишувањето се занимава со широк спектар теми и мислители, од Хегел и Фројд до Хајдегер и Дерида, како и со теми на пресекот меѓу филозофијата, невронауките и психоанализата.






