Пронајдени остатоци од потонатата подморница, сите членови на екипажот веројатно се мртви

– Остатоци од подморницата на индонезиската морнарица, што во средата исчезна со 53 члена на екипажот, се пронајдени длабоко во Балиското Море, со што се потврдија стравувањата дека бродот потонал и се распаднал, изјави денеска началникот на индонезиската морнарицата.

Подморницата „КРИ Нангала-402“ исчезна без трага во средата рано утрината во близина на индонезискиот остров Бали, каде учествуваше во воена вежба.

-Пронајдените остатоци се предмети од внатрешноста на подморницата, како сунѓери, шишиња со масти и предмети што се користат за молитва. Телата на членовите на екипажот не се пронајдени, изјави началникот на штабот, адмирал Јудо Маргоно, пренесе „Њујорк Тајмс“.

Меѓу остатоците имало шишиња со масти, дел од лансирано торпедо, дел од метална цевка, простирка за молитва и гориво. Шишето со масти одговара на тоа што екипажот го користел за подмачкување на перископот на подморницата, пренесе Си-Ен-Ен.

Подморницата „КРИ Нангала-402“ е изградена да издржи притисокот на водата на длабочина од 500 метри, но остатоците се пронајдени на длабочина од околу 850 метри, далеку под тоа што се нарекува „длабочина на дробење“. На таа длабочина, дури и челичниот труп на подморницата речиси сигурно ќе пукне од притисокот.

Бродски екипажи од неколку земји, заедно со индонезиската морнарица, неколку денови ги пребаруваа водите северно од Бали. Времето беше клучно бидејќи, според проценките, кислородот во подморницата требаше да заврши денеска рано наутро, во 3 часот по локално време.

Back to top button
Close