Пропадна и втората продажба на одземените луксузни становите на Груевски на Водно, немаше заинтересирани купувачи

Луксузните станови на Водно, кои Обвинителството ги презентираше како скриен имот на екс премиерот Никола Груевски, а кои беа одземени со пресудата за случајот „Плацеви на Водно“, и понатаму остануваат во сопственост на државата, бидејќи пропадна и вториот обид за нивна продажба.
Поточно, пред еден месец Агенцијата за управување со одземен имот, по втор пат ги огласи за продажба, но и овој пат немаше заинтересирани купувачи.
– Advertisements –
-За апартманите одземени со пресуда за случајот ,,Плацеви на Водно”,немаше
пријавени купувачи и истите не се продадени, ни одговорија од Агенцијата за управување со одземен имот.
Становите овој пат се продаваа по пониска цена, односно намалена за 1/4 од првичната.
Станува збор за три стана на Водно, со вкупна површина од 750 квадратни метри. Првично становите беа проценети на вкупна вредност 2,4 милиони евра, а сега нивната цена се намали на 1.843.000 евра.
Апартманите се луксузно опремени, а од огромните балкони, со површина на просечен стан, Груевски требало да има неверојатна глетка кон цело Скопје.
Еден од апартманите е со големина од 155 квадратни метри, со балкон од 95 квадрати. Овој стан првиот пат се продаваше по цена од 760.000 евра, а вториот пат за 569.662 евра. Од објавените фотографии може да се види дека станот располага со џакузи.
Вториот стан е со големина од 199 квадрати, со балкон од 48 метри квадратни и првично се продаваше за 847.000 евра, а потоа беше намален на 635.220 евра.
Третиот е речиси со идентична големина, односно од 200 квадратни метри и со балкон од 48 квадрати. Беше проценет е на 851.000 евра, а сега се нудеше за 637.896 евра.
Груевски за „Плацеви на Водно“ првостепено беше осуден на седум години затвор, а Апелација ја преиначи пресудата и му ја зголеми казната на девет години затвор. Во предметот, Груевски, покрај за нелегалното купување на плацеви на Водно, осуден е и за злоупотреба на партиските донации.
Според обвинението, во периодот од јуни 2006 до октомври 2012 година, тој како лидер на партија наместо да прикаже пари како примени донации во ВМРО-ДПМНЕ, за себе прибавил 1,3 милион евра, а потоа ги пуштал во оптек и купувал парцели на Водно.






