Пропадна и вториот обид за избор на претседател на новиот бугарски Парламент

Ситуацијата без преседан го остави новото Народно собрание на Бугарија без спикер. Без успех беше и вториот обид за избор на нејзин претседател, јавува дописникот на МИА од Софија.

До ваква состојба дојде откако кандидатот на ГЕРБ, Росен Жељазков, и Никола Минчев од „Промените продолжуваат“ не успеаја да ја соберат поддршката на повеќе од половината од пратеници на Народното собрание на Бугарија за да застанат на чело на парламентот.

За Жељазков гласаа само пратениците од ГЕРБ и ДПС кои собраа 103 гласа. И Никола Минчев ја зголеми поддршката во однос на првото гласање од 74 на 98 гласа. Дополнителните дојдоа гласовите од БСП откако нивниот кандидат Кристијан Вигенин отпадна во првиот круг.

Пратениците од „Бугарски подем“ на поранешниот бугарски в.д. премиер Стефан Јанев гласаа воздржано, и покрај тоа што најавија дека ќе го подджат кандидатот на ГЕРБ , Росен Жељазков. Според бугарските медиуми, меѓутоа, и 12-те гласа на партијата на Јанев немаше да бидат доволни за негов избор.

Ова што се случува во Народното собрание на Бугарија е првпат пратениците да не можат да го изберат претседателот на парламентот на земјата.

За избор на претседател на парламентот е потребно барем еден од двајцата кандидати да собере 50+ еден од присутните пратеници во 48. Народно собрание на Бугарија.

Back to top button
Close