Протест во Мостар поради фемицидот врз Алдина Јахиќ: Не смееме да ги затвораме очите!
По новиот случај на фемицид, во кој во неделата во Мостар беше убиена триесет и двегодишната Алдина Јахиќ, за денес во градот е најавена протестна прошетка. Иницијативата на граѓанки и граѓани ги повика жителите да се соберат на Шпанскиот плоштад и со мирен протест да испратат порака против сè почестото насилство врз жените во БиХ.

Како што пренесуваат сараевските медиуми, организаторите истакнуваат дека сакаат да ја свртат вниманието на јавноста кон проблемот со фемицидот и да побараат овој злостор да не остане неказнет.
„Исто така сакаме јасно да порачаме дека фемицидот извршен во Мостар, убиството на Алдина Јахиќ, не смее да остане неказнет и да ни биде опомена дека на насилството не смееме да му ги затвораме очите“, наведоа организаторите.
Алдина Јахиќ беше убиена во Мостар со истрели од пиштол од нејзиниот поранешен момак, Анис Калајџиќ, фудбалски судија во Првата лига на Федерацијата БиХ. Тој ја нападнал додека одела на тренинг, по што го извадил пиштолот. Алдина се обидела да побегне кон блискиот хотел и да се скрие, но напаѓачот влегол по неа и ја усмртил со истрел.
Ова е уште еден во низата случаи на фемицид во Босна и Херцеговина последниве години, за кои не постојат официјални и прецизни податоци, додека организациите од граѓанскиот сектор проценуваат дека се работи за околу 11 убиства годишно, пренесе Радио Слободна Европа.
Министерот за внатрешни работи на Херцеговско-неретванскиот кантон, Марио Мариќ, соопшти дека злосторството се случило во недела околу 18 часот, и дека жртвата непосредно пред убиството ја повикала полицијата, пријавувајќи дека поранешниот партнер ја брка со пиштол.
Патролата пристигнала за неколку минути, но убиството во меѓувреме веќе било извршено.
Од полицијата наведуваат дека немаат информации дека Калајџиќ се обидел да изврши самоубиство, како и дека Јахиќ претходно не пријавувала насилство, и покрај медиумските написи дека осомничениот ѝ испраќал заканувачки пораки






