Протестите на земјоделците вродија со плод: „Ајварката“ ќе се откупува за 30 денари по килограм
Постигнат е договор за пиперката – куртовска капија, откупната цена за пиперката која ќе се носи во преработувачките капацитети ќе биде 30 денари за килограм.

„Оние 25 денари за килограм пиперка што беа спорни на почетокот успеавме таа класа на пиперката да ја вметниме во прва-втора класа, тоа се 80 проценти од родот на земјоделците што припаѓа во таа класа. Добив уверување од откупувачите и преработувачите дека ќе го почитуваат договорот“, соопшти министерот за земјоделство Борче Серафимовски од Струмица
Целиот процес на откупот ќе биде контрилиран преку Државниот инспекторат за земјоделство. Ова значи дека по неколку дневните протести на земјоделците и блокадите на центарот на Струмица, производителите на пиперката – куртовска капија издејствуваа цена повисока за 5 денари по килограм.
Прва класа пиперка – куртовска капија 40 денари, прва-втора класа 30 денари, индустриска класа 30 денари, и „шкарт“ како класа за 15 денари.
Новите цени на пиперката по класи ќе започнат да се применуваат од утре (среда) и ќе траат се до крајот на откупот, додека има пиперка за откуп од оранжериско и индустриско производство.
Министерот Серафимовски денеска беше на средба со производителите на „ајварката“ по што ги соопшти цените за годинешниот откуп. Министерот побара вистинско класифицирање на пиперката по квалитет како од земјоделците така и од откупувачите.
„Ајварската пиперка од утре па натаму со известување до откупните центри од страна на преработувачите да се продава по цена од – прва класа 40 денари, прва-втора класа 30 денари, индустриска класа 30 денари, и ‘шкарт’ како класа за 15 денари. Овие цени се во договор со едната и другата страна и особено апелирам и до преработувачите во наредниот период да се запазат сите обврски од нивна страна за вистинско класифицирање на пиперката и од страна на откупувачите и добивање на точната информација за квалитетот на пиперот и цените кои што ги добиваат. Воедно во наредниот период кој што следува побарав континуитет на цената на база на квалитет кој што го нудат производителите. Квалитетот на пиперката треба да биде евалуиран согласно класификациите и да ја добие соодветната цена“, рече министерот Серафимовски по средбата со земјоделците.
Министерот со порака и до производителите на пиперката – куртовска капија и самите да бидат реални во процената на класата на својот род.






