Против ракот со иРНК-вакцини

Терапевтска иРНК-вакцина може да му помогне на имунолошкиот систем да препознае и елиминира тумор. Надежите во вакцината се големи

Против рак не можеме да бидеме директно вакцинирани, но можеме да бидеме вакцинирани против инфекции кои можат да доведат до развој на одредени видови на рак. Тоа е случај со опасниот рак на грлото на матката. Причината за ова се хуманите папилома вируси (ХПВ) и за борба против тоа постои вакцина. Таа може да се смета за успешна приказна.

Превентивната вакцинација постои од раните 2000-ти. Ги штити луѓето од инфекција со високоризични типови на папилома вируси. Самата инфекција не предизвикува рак, но може да доведе до него доколку вирусот трајно се имплантира во клетките на слузницата и таму предизвика предстадиум на канцер.

 

Друга превентивна вакцина е онаа против вирусите на хепатитис Б, а со тоа и против тумори на црниот дроб кои можат да произлезат од хроничен хепатитис Б. Според Информативната служба за канцерогени заболувања, околу четири проценти од сите видови на рак во индустријализираните земји се резултат на инфекции со вируси или бактерии. Во земјите во развој процентот е поголем.

 

Терапевтски вакцини

Покрај овие две препорачани превентивни вакцини, постојат и терапевтски вакцини кои интензивно се истражуваат. Со терапевтска вакцина би се лекувало постоечко канцерогено заболување. Притоа, меѓу другото, иРНК-вакцините може да го обучат имунолошкиот систем да се бори против клетките на туморот и да го научат да ги препознава клетките на ракот и да ги елиминира индивидуално и брзо. И сето тоа со само мали несакани ефекти. За да се направи ова, мора да се исполнат одредени предуслови.

„Според досегашните сознанија, иРНК-вакцините се особено опција ако ткивото на туморот е веќе во голема мера отстрането од телото преку операција, на пример. Потоа со иРНК-вакцина, во комбинација со други активни состојки, се добиваат поголеми шанси за уништување на клетките на ракот кои можеби сè уште останале во телото и кои би можеле да доведат до враќање на болеста“, вели Сузане Вег-Ремерс од Информативната служба за канцерогени заболувања.

Во најдобар случај, преку вакцинација со иРНК-вакцините уште повеќе пациенти би можеле да ги подобрат своите шанси за закрепнување. Оваа терапија им овозможува на лекарите да ја прилагодат индивидуално на карактеристиките на туморот. иРНК-вакцината против рак се заснова на истата технологија како и иРНК-вакцините против Сарс-КоВ-2.

 

Улогата на туморските антигени

Во идеален случај, клетките на ракот имаат типични карактеристики на својата површина кои на здравите клетки или воопшто не се појавуваат, или не се појавуваат толку често. Лекарите ги користат овие таканаречени туморски антигени за да развијат вакцина против клетките на ракот. Пациентот добива вакцина која предизвикува имунолошки одговор против туморските антигени. Ова е наменето да го научи имунолошкиот систем да се брани од клетките со овие антигени. Со терапевтска иРНК-вакцина научниците веќе постигнаа почетен успех во раните клинички студии, на пример кај малигнен меланом.

„За 2024 година е планирана меѓународната клиничка студија за иРНК-терапија за малигнен меланом, со илјада пациенти. Таа потоа ќе биде основа за добивање дозвола“, вели Вег-Ремерс. Други видови на рак кои се во фокусот на истражувањето се, на пример, ракот на дебелото црево и ракот на белите дробови. Тие се вбројуваат меѓу најчестите форми на рак.

„Постојат преку 200 видови на рак и други подтипови, кои се разликуваат по своите молекуларни својства. Пронаоѓање на ‘волшебниот куршум’ што може да ги спречи или третира сите овие различни видови на рак преку вакцинација е многу тешко“, потенцира Вег-Ремерс.

 

Вакцинацијата не е магично оружје

Според Информативната служба за канцерогени заболувања, само во Германија секоја година од рак заболуваат речиси половина милион луѓе. Во 2021 година, речиси 230.000 луѓе починале од оваа болест. Зад статистиката и зад секоја бројка стојат луѓе со нивната лична судбина и сите стравови што ги предизвикува сеништето „рак“.

И покрај сите досегашни успеси, истражувачите постојано истакнуваат дека развојот на вакцината е сè уште во рана фаза. Првичните резултати покажуваат дека вакцинацијата може да биде ефикасна против ракот, но недостигаат уште многу големи клинички испитувања кои ќе ги споредуваат новите пристапи со стандардните терапии.

Освен тоа, ситуациите на болните се многу различни. На пример, многу е поинаку ако, на пример, од пациентот е отстранет туморот и потребно е да се уништат поединечни туморски клетки што останале во телото, отколку ако веќе се формирани метастази. „Претпоставувам дека терапијата за рак ќе продолжи да биде терапија во која ќе се комбинираат различни методи за да се постигнат добри резултати“, уверена е Вег-Ремерс.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик

Back to top button
Close