Против Стојанче, сопругот на починатата Ивана, се водела само една постапка во Обвинителството, иако имало десет пријави

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски информираше дека сопругот на трагично починатата Ивана имал десет кривични пријави во изминатите две години, а само неколку часа пред падот од балкон во Карпош, полицијата интервенирала по пријава за семејна расправија.

Трагедијата, во која животот го загубија жена и малолетно дете, била пријавена од случаен минувач. Според Тошковски, веднаш по пријавата на улицата „Теодосиј Гологанов“ излегле полициски службеници од Полициската станица Карпош и екипа на Итната медицинска помош, при што била констатирана смрт.

Извршен бил увид од страна на СВР Скопје, телата се предадени на обдукција, а од местото биле подигнати материјални траги и мобилен телефон.

Од Основното јавно обвинителство информираат дека против Стојанче се водела само една постапка во Обвинителството.

Во Основното јавно обвинителство Скопје лицето не е пријавено за кривични дела на семејно насилство. Против него има активна постапка од 29.12.2025 година за кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик за пронајдени 19 грама марихуана и 7 грама амфетамин во багажникот на неговиот автомобил. По предлог на надлежниот обвинител, ценејќи ги сите околности во предметот, судија на претходна постапка му определил мерки на претпазливост кои се уште се на сила“, информираат од ОЈО.

Во однос на постари постапки, се е процесуирано, поднесено е обвинение за насилство кон трето лице, заедно со други соучесници, како и обвинение за напад врз службено лице заедно со сега починатата, дополнуваат од ОЈО.

Back to top button
Close