Прва екстрадиција од ОАЕ во Македонија: Испорачан осуденик кој треба да одлежи три и пол години затвор

Осуденик од Македонија, кој бил во бегство во Обединетите Арапски Емирати, е екстрадиран во земјава. Ова, како што информираат од Основниот кривичен суд Скопје, е прва реализирана екстрадиција од ОАЕ во С Македонија.

Се работи за лицето Ф. Л., кое со правосилна пресуда од 10 јуни 2020 година е осудено на казна затвор од три и пол години за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи.

Од Судот информираат дека на 26 јануари 2021 година бил изготвен упатен акт за издржување на казната, но осудениот не се јавил во затвор. Бидејќи бил недостапен на органите на прогонот, на 18 јануари 2022 година била издадена наредба за распишување потерница, која Министерството за внатрешни работи ја распишало на 24 март 2022 година.

На 21 мај минатата година Судот добил известување од Министерството за правда дека лицето е лоцирано во ОАЕ.

„Надлежниот судија ги обезбедил сите потребни списи и преводи на арапски јазик, кои преку Министерството за правда биле доставени до властите во Емиратите. На 10 февруари 2026 година тие известиле дека Ф. Л. ќе биде екстрадиран во Северна Македонија“ наведуваат од Кривичниот суд.

Осуденикот бил спроведен во затворот „Идризово“ од страна на Интерпол на 20 февруари годинава

Back to top button
Close