ПРВА НАГРАДА ЗА ФОТОГРАФИЈАТА „ТАТКО-КОЧАНИ“ НА СЛОБОДАН ЃУРИЌ НА КОНКУРСОТ НА ЗНМ И ЕУ ЗА ФОТОРЕПОРТЕРСКИ ОСТВАРУВАЊА
Фотографијата „Татко – Кочани“ на фоторепортерот Слободан Ѓуриќ ја освои првата награда на годинешниот конкурс за најдобри фотографии по повод 3 Мај, Светскиот ден на слободата на медиумите на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ). Втората награда ја доби фотографијата „Канадер – Охридско Езеро” од фоторепортерката Маја Јаневска-Илиева. Третата награда ја поделија фоторепортерите Ѓорѓи Личовски за фотографијата „Ловец на Персиди“ и Роберт Атанасовски за фотографијата „Женски водици“.
Овие награди ЗНМ ги доделува со помош на Европската унија.
Здружението денеска организираше изложба на новинарска фотографија под наслов „Медиумска слобода низ објективот: Моментите што зборуваат”, по што и свечено ги додели наградите за најдобри фоторепортерски остварувања за 2024 година. На јавниот повик што го распиша ЗНМ пристигнале вкупно 15 апликации.
Претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски рече дека во време кога медиумските работници се соочуваат со сериозни предизвици, важно е гласно да се поддржат оние што со својот објектив ја забележуваат вистината.
„Тоа е посебната улога на фоторепортерите – да бидат и сведоци и хроничари на времето, да ни ги пренесат моментите на радост и надеж, но и моментите на тага, кои понекогаш не можеме да ги изразиме со зборови“, рече Чадиковски.
Дел од фотографиите, како што е и првонаградената, го доловуваат еден од најтешките колективни моменти во поновата историја – трагедијата во Кочани на 16 март со 62 жртви, при што фоторепортерите се покажаа како хроничари на болката, но и на достоинството и човечноста.
Изложбата ќе биде отворена до 12 мај во Музејот на град Скопје.