Првиот вицепремиер ја постави дилемата зошто Уставниот суд одлучува со просто мнозинство


Во наредните денови ќе се формира работна група составена е професори од универзитети во земјава кои ќе разговараат за моделите и предложените закони, и ќе го изнесат најдобриот закон со кој ќе се регулира прашањето за правична и соодветна застапеност на етничките заедници Македонија, информира денеска првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити.

Според Меџити, суштинскиот проблем е тоа што албанските партии во минатите влади дозволиле закон или закони да се носат со две мнозинства и му овозможиле на Уставниот суд да ги укинува само со просто мнозинство.

-Ќе биде во духот на тоа да се почитува уставната категорија на соодветна и правична застапеност на етничките заедници во Македонија со тоа што нема да му се даде можност на Уставниот суд во иднина да го укинува овој закон како што досега укина неколку закони. И тука доаѓаме до суштинскиот проблем што албанските партии во минатите влади ни го оставија во наследство – дозволија закон или закони кои се донесуваат со многу труд и политички вложувања да се носат со две мнозинства (со просто мнозинство и Бадентеровото мнозинство) и му овозможија на Уставниот суд утре да ги укине само со просто мнозинство. Ова е главниот дефект што го оставија оние кои денес плачат, бидејќи да беше поинаку, на седницата за балансерот тројцата судии (двајца Албанци и еден Турчин) гласаа против и немаше да се укине механизмот за балансерот. Овој дефект го наследивме од ДУИ, не ги имаат решено прашањата како што треба и ние се занимаваме со неуспесите на ДУИ и другите кои беа дел од претходните Влади – рече Меџити.

Тој смета дека актуелната Влада има политички и демократски капацитет за да најде решение кое ќе ја почитува уставната категорија на правична и соодветна застапеност на Албанците и другите немнозински етнички заедници во јавната и државната администрација, не давајќи му никакви шанси на Уставниот суд во иднина да го укине.

Back to top button
Close