Првпат по сто години именуван рабин како верски советник во германската армија

– Првпат по сто години и 76 години по завршувањето на холокаустот денеска е именуван рабин како верски советник во германската армија.

Зсолт Бала (42) рабин на германската сојузна држава Саксонија денеска е именуван за рабин во германската армија. Тој е татко на три деца, а во Германија емигрирал од Унгарија во 2002 година.

Бала истакна дека е свесен за „историската одговорност“ при служењето на војниците од еврејска вера.

Бала, кој останува на сегашната функција во Лајпциг, има намера да се бори против антисемитизмот и сите други форми на расизам, со цел „воспоставување на подобро германско општество“.

Претседателот на Централниот совет на Евреите, Јозеф Шустер, го поздрави назначувањето на Бала истакнувајќи дела „во армијата нема место за политички екстремизам и нетолеранција“.

– Именувањето е силен политички знак против антисемитизмот, не само во нашите трупи, туку и во целото општество, истакна владиниот комесар за антисемитизам Феликс Клајн.

Во германската армија свештениците обезбедуваат верски услуги за 94.000 христијански војници. Верските советници нудат совети за етички прашања и ги водат војниците за време на обуката.

По Првата светска војна, немаше повеќе еврејски религиозни советници.

Во изминатите години имаше неколку случаи кога припадници на германската армија, посебно на специјалните сили, изразуваа ултрадесничарски и неонацистички ставови.

Back to top button
Close