ПСЖ без Заир-Емери до зимската пауза

Фудбалерот од средниот ред на ПСЖ, Варен Заир-Емери, ќе го пропушти продолжението на сезоната до зимската пауза, откако во саботата го повреди глуждот во дебито за француската репрезентација во рекордната победа над Гибралтар (14-0) во квалификациите за ЕУРО2024, објави денеска клубот од Париз.

Седумнаесетгодишниот Заир – Емери, кој стана најмладиот француски репрезентативец од 1914 година и воедно најмлад француски стрелец оттогаш во квалификациите за ЕУРО2024, се повреди во 16. минута кога го постигна својот премиерен гол во националниот дрес по што мораше да го напушти теренот.

„Варен Заир-Емери има полесно истегнување на десниот глужд и ќе биде надвор од теренот до зимската пауза“, соопшти ПСЖ.

Повредениот Заир – Емери ќе го пропушти денешниот завршен евроквалификациски натпревар на Франција против Грција, како и пет натпревари во француското првенство и два во Лигата на шампиони.

Back to top button
Close