Пуштија во процедура осакатен предлог и ниту за него немаат Бадентерово мнозинство, велат од ДУИ за законот за правична застапеност
Опозициската ДУИ реагира на предлог-законот за правична застапеност за кој вчера пропадна обидот да биде ставен на гласање во Собранието, иако, според нив, постоел кворум.

Оттаму обвинуваат дека ова решение, најавувано две години, наместо да биде закон на Албанците, станал, како што велат, „Закон на Каракамишева“.
„Наместо да ја бранат волјата на Албанците, прифатија да бидат потпора на влада без етнички легитимитет, наведнувајќи се пред секое барање на своите коалициски партнери само за да ги зачуваат фотелјите на власта. Повеќе од две години трубеа дека го подготвуваат Законот за правична и соодветна застапеност, претставувајќи го како историска победа за Албанците. Се покажа дека тоа не е закон на Албанците, туку Закон на Каракамишева, бидејќи Албанците не само што не гласаа за него, туку и ја блокираа постапката за негово донесување. Откако ги одбија сите амандмани на албанската опозиција, одлучија во собраниска процедура да пуштат осакатен закон, без етнички квоти, без институционални механизми за негово спроведување и без санкции за прекршителите“велат од ДУИ.
Од партијата на интегративците повторуваат дека законот не гарантира правична застапеност, туку само создава таков привид. Тврдат и дека власта го нема потребното Бадентерово мнозинство.
„Иронијата е што ниту овој осакатен закон не успеваат да го донесат. Го немаат потребното Бадентерово мнозинство во Собранието, што јасно покажува кого Албанците го избраа и за кого гласаа на изборите во 2024 година, кому му ја дадоа довербата и кој ја злоупотреби таа доверба за лични интереси и владини функции. ДУИ денес ја блокираше оваа намера за легализирање на нарушувањето на правата на Албанците и ќе ја блокира секојпат кога ќе се направи обид дискриминацијата да се спакува како закон, а негирањето на правата да се претстави како ‘правична и соодветна застапеност’. ДУИ ќе остане непоколеблива во заштитата на колективните права на Албанците и нема да дозволи политичките интереси на мал број носители на власта да ги заменат уставните стандарди и духот на Охридскиот рамковен договор“сметаат тие.
Вчера, во обид да го спречат донесувањето на законското решение, пратениците од опозициските партии на Албанците во полн состав присуствуваа на собраниската седница за да го зголемат бројот на пратеници потребни за обезбедување Бадентерово мнозинство и на тој начин да го оневозможат усвојувањето на законот. На седницата втор ден по ред присуствуваше и лидерот на ДУИ, Али Ахмети.






