Работник од Скопје ги нападнал газдите со нож заради неисплатени дневници
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице поради основано сомнение дека сторил кривично дело – Загрозување со опасно орудие при тепачка или караница, соопштија денеска од Обвинителството.

Како што се наведува во соопштението, осомничениот 30-годишник со нож се заканувал на двајца сопружници во чија фирма работел, барајќи да му ги исплатат последните неисплатени дневници.
На 21 јули попладне, кога мажот и жената со нивниот автомобил излегувале од фирмата во селото Трубарево, осомничениот им го попречил патот, застанувајќи пред возилото со нож во рацете. Агресивно замавнувал, ги навредувал и им се заканувал, а потоа со ножот им ја исекол левата задна гума од автомобилот.
Оштетениот се обидувал да го смири, а неговата сопруга исплашена побегнала и влегла во казино во близина од каде повикала полиција.
„Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка во Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерки за претпазливост за оштетениот – забрана за напуштање на живеалиште/престојувалиште, привремено одземање на патната исправа и забрана за приближување до оштетените“, стои во соопштението





