Рациновото признание за 2020 ќе го добие Томислав Османли

Томислав Османли за книгата раскази „Парадоксион“ во издание на „ВиГ Зеница“ од Скопје, ќе го добие Рациновото признание за 2020 кое ќе му биде врачено на претстојните 57 Рацинови средби кои во Велес градот на Рацин ќе се одржат на 25 и 26 септември, соопштија на денешната прес-конференција од жири комисијата.

Оваа година, жири комисијата за доделување на Рациновото признание за прозно дело за 2020 година во состав академик Катица Ќулавкова, претседател и членовите Трајче Кацаров и Гордана Јовиќ – Стојковска одлучи да му припадне на писателот Томислав Османли за книгата раскази „Парадоксион“ во издание на „ВиГ Зеница“ од Скопје.

Томислав Османли е автор на 28 книги: три романи, осум збирки раскази, три книги теорија, повеќе книги драмски текстови, две книги филмски сценарија, две книги за деца, две книги есеи и на голем број меѓународни објави. Прозните текстви и книги му се објавувани во книги и списанија во странство на англиски, руски, француски, српски, грчки, словенечки, бугарски, хрватски, полски и романски, арапски, хебрејски, турски, италијански и други јазици.

Од жири комисијата потсетија дека во неговата најнова книга „Парадоксикон“ во издание на „Виг Зеница“ од Скопје својата Томислав Османли ја дава својата фантастична визија на тревожната современост која како што самиот вели не престанува каприциозно и парадоксално да не населува.

Инаку добитниците на Почесното Рациново признание за 2020, а како што беше соопштено од организацискиот одбор на Рацинови средби уште на 20 мај годинава, се проф. д-р Виктор Фридман од Чикаго, САД и проф. д-р Јоуко Сакари Линдстет од Хелсинки, Финска. Истото се доделува за афирмација и популаризација на македонската литература и култура надвор на границите на земјава.

Оваа информација на денешната прес-конференција повторно ја потврдија Организацискиот одбор во состав Аце Коцевски, претседател и членовите проф. Кристина Николовска, проф. Људмил Спасов. Проф. Гоце Ристовски и проф. Стефани Андреевска

Инаку 57-те по ред Рацинови средби ќе се одржат на 25 и 26 септември 2020 година, на отворената сцена на амфитеатарот во Младинскиот парк во Велес кога ќе им бидат врачени и Рациновите признанија на овогодишните добитници.

Организаторите најавуваат дека сите настани кои се дел од 57. Рацинови средби ќе бидат одржани според протоколите и мерките за заштита од ширење на Ковид-19.

Back to top button
Close