Радев ја демантира Сиљановска-Давкова дека не го коментирал предлогот за уставни измени со одложено дејство

Гордана Сиљановска-Давкова, како добар правник, многу добро знае дека обврските преземени со меѓународни договори едноставно мора да се почитуваат, изјавил денеска претседателот на Бугарија, Румен Радев, коментирајќи ја вчерашната изјава на македонската претседателка дека излезното, соломонско решение за спорот со Бугарија се уставни измени со одложено дејство, пренесе бугарската агенција БГНЕС.

Радев, како што јавува агенцијата, го демантирал тврдењето на македонската претседателката дека на нивната средба во Баку тој не го коментирал предлогот за уставни измени со одложено дејство.

 

 

 

 

 

„Искажав многу јасна оценка и уште еднаш подетално ја запознав г-ѓа Сиљановска со преговарачката рамка и општиот европски консензус од јуни 2022 година, прифатен и со согласност на тогашната Влада на Северна Македонија. Исто така, ја запознав и со нашиот Договор за пријателство, добрососедство и соработка и, што е многу важно, со вториот протокол според овој Договор. Тоа се меѓународни обврски, а г-ѓа Сиљановска, како добар правник, многу јасно знае дека обврските преземени според меѓународните договори едноставно мора да се исполнат. Уште еднаш ја истакнав нашата подготвеност да помогнеме за побрзо да се достигнат условите поставени во овие меѓународни документи, за да се отвори вратата за почеток на преговорите“,

изјавил денеска Радев.

Македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова во вчерашното интервју за МРТ 1 рече оти е оптимист дека работите може да се придвижат во скоро време и земјава да ги почне преговорите со Европската Унија и дека според неа излезното, соломонско решение за спорот со Бугарија е решението за уставни измени со одложено дејство.

За ваквото решение, како што рече таа, разговарала и со бугарскиот претседател Румен Радев, но и со сите други претставници на земји од ЕУ, како и други земји пријатели и поддржувачи, кај кои наишла на разбирање.

„Не можам да не кажам дека и покрај инцидентот со знамето, и во Софија со бугарскиот претседател Радев имавме плодни разговори, меѓутоа повеќе од еден час разговаравме и во Баку. Заклучокот е дека самопочитта раѓа и почит, тоа е мојот прв заклучок. Се разбира дека во разговорите ние секогаш си ги одмеруваме зборовите и овој пат беше така. Соопштенијата се дипломатски, иако нашето беше подипломатско, но јас сакам да ги информирам граѓаните дека од прва рака му го објаснив нашиот став на Радев за којшто има консензус меѓу Владата и мене. Реков дека е најдобро јас да му го соопштам тоа што им го соопштувам и на останатите претставници и ЕУ и останатите земји, наши пријатели… бидејќи тоа е решението за кое мислам дека е многу разумно, добронамерно, решението со одложено дејство“,рече претседателката во интервјуто.

Таа посочи дека од бугарскиот колега немало коментар и нагласи дека ја разбира состојбата во Бугарија, неможноста за формирање влада и за институционализирање на дијалогот меѓу Владите, односно македонското и бугарското МНР. Но, како што рече, мисли дека Радев ќе се обиде да ги разбере и нашите позиции кои се најдобронамерни.

Сиљановска-Давкова кажа и оти смета дека за понуденото решение мора да има општ консензус во државата, за да не се случи нешто како она кога минатата власт прифатила договор и француски предлог без вклученост и согласност на тогашната опозиција.

Сиљановска-Давкова и нејзиниот бугарски колега Радев се сретнаа на маргините на Конференцијата за климатски промени – ЦОП 29 во главниот град на Азербејџан, Баку.

На средбата, што се случи на 13 ноември, како што информираат тогаш од претседателскиот кабинет, Сиљановска-Давкова, ја подвлекла важноста од продолжување на билатералниот политички дијалог на сите нивоа. Посочила дека треба да се почитуваат позициите и интересите на обете страни и оти решавањето на билатералните спорови треба да е во рамките на основните вредности и принципи на Европската Унија.

Радев, пак, по состанокот ги повтори позициите на Софија дека очекува Владата и Собранието на Северна Македонија што поскоро да го спроведат она што е предвидено во Преговарачката рамка и во Договорот за добрососедство, со цел државата да не губи историско време за членство во Европската Унија.

Бугарскиот претседател тогаш изјави дека комуникацијата со Силјановска-Давкова е отворена, конструктивна и прагматична, пример, што како што кажа, треба да го следи го следи и македонската влада.

Рече дека двете претседателски институции покажуваат дека дијалогот е можен и оти може да придонесе за развој на добрососедството меѓу двете земји.

„Не е проблемот само во навременото впишување на Бугарите во Уставот на Северна Македонија. Доколку државното раководство на РСМ навистина има желба за влез во Европската Унија, мора да ги исполни Преговарачката рамка и Договорот за добрососедство“,рече тој.

Back to top button
Close