Радев пред состанокот на Коалицискиот совет: Очекувам одбрана на бугарските интереси, не сум за рокови, туку за резултати


Очекувам коалицискиот совет вечерва да го следи консензусот и мислењето што го постигна Консултативниот совет за национална бебедност во јануари, да го брани бугарскиот интерес и копенхашките критериуми за членство, кои се базираат многу прецизно на човековите права и недискриминација. Ако сето ова се случи, ќе и помогнеме на Северна Македонија постојано да го следи овој пат, изјави бугарскиот претседател
Претседателот Румен Радев очекува Коалициски совет вечерва да ги следи одлуките што ги донесе Консултативниот совет за национална безбедност во јануари во однос на Северна Македонија.

„Средбите не се толку важни, важни се резултатите. Очекувам коалицискиот совет вечерва да го следи консензусот и мислењето што го постигна Консултативниот совет за национална бебедност во јануари, да го брани бугарскиот интерес и копенхашките критериуми за членство, кои се базираат многу прецизно на човековите права и недискриминација. Ако сето ова се случи, ќе и помогнеме на Северна Македонија постојано да го следи овој пат“,

изјави Радев на новинарите.
На прашањето, какви се ставовите на Владата за Северна Македонија пред средбата, Радев рече дека фокусот на владата на надворешната политика не може да ги реши внатрешните проблеми на земјата.

„Очекувам овој стремеж и енергија, која се инвестира во решавање на проблемите со РСМ на нејзиниот пат кон Европа, да се примени не помалку и на проблемите на бугарските граѓани. Како што гледаме, тие растат – сиромаштија, алармантна инфлација, ова, што се случува во енергетскиот сектор, парното греење. Очекувам таму да се насочи вниманието“,

изјави Румен Радев.
Ставот на Радев пак останува непроменет – почетокот на преговорите да не се врзува со рокови, туку со резултати, особено во однос на правата на Бугарите во РСМ.

„Гледате дека досега слушнавме многу, многу гаранции“,

рече на вечерашниот брифинг Радев.
На барање на бугарскиот премиер Кирил Петков, коалициските партнери во бугарската влада вечерва ќе одржат вонреден совет, чија главна тема се односите со со Северна Македонија.

Се очекува Петков да им објасни на своите партнери зошто од претседателот на Бугарија, Румен Радев, побара да го свика Советот за национална безбедност и да го претстави досега постигнатото во дијалогот со Скопје. За време на посетата на Рим и Ватикан на 24 мај, Петков најави оти ќе свика состанок на коалицискиот совет.
Во меѓувреме од Кабинетот на Радев објавија соопштение дека бугарскиот претседател денеска за европската паерспектива на Западен Балкан телефонски разговарал со специјалниот пратеник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, Сер Стјуарт Пич.

„Претседателот Румен Радев и Сер Стјуарт Пич истакнаа дека напредокот на Западен Балкан во процесот на европска интеграција е од стратешко значење за безбедноста и стабилноста на регионот. Шефот на бугарската држава рече дека почитувањето на правата на македонските Бугари е клучен предуслов за почеток на преговорите за членство во ЕУ во Република Северна Македонија. Затоа Бугарија очекува Бугарите во РСМ да се вклопат рамноправно со другите делови од народите во Уставот на земјата“,
се вели во соопштението.

Back to top button
Close