Рахмањинов и Мусоргски низ изведбата на уметниците Гримпас и Лазаридис

Со добро одбрани композиции на Рахмањинов и Мусоргски изведени на виолончело и пијано, грчките уметници Христос Гримпас и Џорџ Емануел Лазаридис приредија вистинско уживање за љубителите на класичната музика кои вчера беа дел од публиката на „Охридско лето“, соопштија организаторите на фестивалот.

Виолончелистот Гримпас, е задоволен од својот настап пред публиката во црквата „Света Софија“, иако, како што рече, како музичар во оркестар веќе подолг период не музицира на концертните подиуми.

– Многу сме среќни и голема ни е честа со колегата Лазаридис што имаме можност да го изведеме нашиот перформанс во ова прекрасно место. Многу ми недостигаат концертите. Свирам во оркестар, но поради корона-кризата не настапуваме, па така, ми недостига музиката. Што се однесува до фестивалот „Охридско лето“ можам да кажам само пофални зборови за извонреднатa организација и би сакал повторно да настапиме овде, изјави Гримпас.

На репертоарот беа Сонатата за виолончело и клавир оп.19 од Сергеј Рахмањинов, како и композицијата „Слики од изложба“ од Модест Мусоргски што беше соло-настап на пијанистот Лазаридис.

Христос Гримпас студиите ги започнува на Државниот конзерваториум во Солун, а продолжува да студира на Универзитетот за уметности во Берлин. Магистрира на познатата Висока школа за музика во Есен. Бил член на Рајнскиот младински оркестар, на Интернационалниот младински оркестар како и на Оркестарот на Европската Унија.

Добитник е на повеќе награди и признанија. Од 2002 година е редовен член на Симфонискиот оркестар на Солун. Основач и член е на ансамблот „Транскрипшн“ со кој настапува во музејот „Тејт Модерн“ во Лондон, во Музејот „Кралица Софија“ во Мадрид, во „Мегарон“ во Атина, во музејот „Сабанџи“ во Истанбул и др.

Пијанистот Џорџ Емануел Лазаридис е сестран музичар со повеќе од 30-годишно присуство на интернационалната музичка сцена како солист, композитор, едукатор и основач на повеќе нови културни институции. Активен е на концертната сцена во престижни концертни сали од САД и Мексико до Европа, Русија и на Блискиот Исток, со настапи кои го носат на некои од најпознатите музички фестивали во Истанбул, Акс во Прованса, Монтереи, Свонси, како и во Карнеги Хол, Ројал Алберт Хол, Музикферајн, салата на Петербуршката филхармонија и многу други.

Back to top button
Close