Рама ја прифати поканата на Трамп за учество во Комитето

Премиерот на Албанија, Еди Рама официјално му го пренесе на претседателот на САД, Доналд Трамп, позитивниот одговор на поканата за учество во Комитетот за мир за Појасот Газа, нова меѓународна иницијатива основана со цел решавање на глобалните конфликти и активно градење мир.

Во јавна реакција, премиерот Рама објави дека Владата ја прифатила поканата и оти „вклучувањето на Албанија во оваа структура наскоро ќе биде доставено до албанскиот Парламент за одобрување, во согласност со уставните и законските процедури“.

Во писмото упатено до претседателот Трамп, Рама изразува благодарност за, како што го нарекува, „визионерското водство“ на американскиот претседател во формирањето на Комитет за мир и му се заблагодарува за личната покана упатена до него и до Албанија да биде член-основач на оваа иницијатива.

Рама нагласи дека во време кога конфликтите и поделбите доминираат на меѓународната сцена, мирот не може да остане предмет на бесконечни политички декларации или дебати, туку мора да се гради активно и со директна одговорност.

Според него, Комитетот за мир има за цел да биде конкретен инструмент на глобално лидерство и одговорност, а не уште еден бирократски меѓународен форум.

Рама, исто така, ги нагласи блиските односи меѓу Албанија и САД, опишувајќи ги како верен сојузник на земјата и потсетувајќи на одлучувачката американска улога во гарантирањето на мирот и стабилноста во регионот во клучни моменти од историјата.

– Во овој дух на одржливо партнерство, Албанија цврсто стои покрај САД во сите напори за промовирање на мирот, безбедноста и конструктивниот глобален ангажман, се наведува во пораката на Рама.

Се очекува Комитетот за мир да вклучува меѓународни лидери и клучни глобални личности, со цел да се справи и со непосредните последици од конфликтите и со длабоките структурни причини што создаваат нестабилност.

Вклучувањето на Албанија во оваа структура, според Рама, претставува чест и одговорност за земјата на меѓународната сцена.

Тој вчера ги отфрли тврдењата на опозицијата и пишувањата на дел на медиумите дека Албанија треба да плати една милијарда евра за влез во Комитетот за Одборот за мир во Газа.

Back to top button
Close