Рама од Тирана: Западен Балкан не моли, туку покажува дека е подготвен за Европската Унија
Регионалните лидери денес се собраа во Тирана на самит посветен на Планот за раст „Нашиот пат кон ЕУ“, каде што земјите од Западен Балкан заеднички ја нагласија подготвеноста за забрзување на европските интеграции. На настанот присуствува и европската комесарка за проширување Марта Кос, што дополнително ја нагласува тежината на процесот.

Во своето обраќање, албанскиот премиер Еди Рама истакна дека регионот се наоѓа во период на најдлабоки реформи досега – трансформации што, како што нагласи, не се прават за да се добие милост од Брисел, туку за да се креира европски модел на управување дома. Финансискиот пакет од 490 милиони евра, кој ги опфаќа јавните финансии, енергетскиот сектор и други клучни области, е двигател на оваа промена.
Рама нагласи дека Балканот не треба да биде спореден набљудувач во европските процеси, туку активен елемент во нивната изградба.
„Нашиот регион сака да расте заедно со Европа, а не на нејзина штета. НАТО веќе го препозна значењето на Коридорот 8 како безбедносна артерија, а ние во овој план гледаме можност за уште поголемо поврзување. Западен Балкан одамна требаше да ги искористи шансите за регионална соработка. Премногу пати дозволивме да ни помине возот. Овојпат решени сме да останеме на вистинската траса – кон европскиот пазар и неговите слободи,“ нагласи Рама.
Тој посебно се осврна на дигиталниот идентитет, најавувајќи дека од следната година земјите од регионот ќе воведат заедничко дигитално решение, усогласено со идниот систем што ЕУ планира да го активира во 2027 година. Во однос на границите, Рама додаде дека е неопходно забрзување на процедурите за премин, посочувајќи дека „премините мора да престанат да бидат пречки и да станат двигатели на развојот.“
Со ова, лидерите од регионот уште еднаш испратија порака дека европскиот пат за Западен Балкан не е акт на молба, туку процес што треба да го потврди сопствениот капацитет за реформи, стабилност и интеграција





