Рама прво побара големо извинување од Албанците, па им посака среќна Нова 2022 година

Преку видеопорака, новата година на сите Албанци им ја честиташе премиерот Еди Рама, посакувајќи им здравје и благосостојба во семејствата, но прво до нив упати големо извинување.

Како што вели во пораката, извинувањето се однесува за сè што не кажал или не можел да направи како што треба во годината што ја оставиме зад нас, притоа уверувајќи ги сите дека за довербата на граѓаните ќе направи сè што е потребно и ќе биде во нивна служба.

–  Колку побрзо излеземе од секојдневните логори на поделби и несогласувања, повеќе да се слушаме еден со друг, да се зближуваме под знамето на Скендербег и Исмаил Ќемали со поглед кон европската иднина на Албанија, со цел да си помагаме што повеќе во совладувањето на проблемите и остварувањето на добрите цели, толку побрзо како држава и како албанско братство ќе се искачиме на посакуваниот врв, додава премиерот.

Новата година со најубави желби Рама им ја честита на „Албанците насекаде во Албанија, во Косово, Северна Македонија, Црна Гора, Прешевската долина, Италија, Грција, Швајцарија, Англија, Америка и низ целиот свет”.

Новата 2022 година, преку социјалните мрежи ја честиташе и лидерот на опозициската демократска партија, Љуљзим Баша.

– Посакувам домовите на албанските семејства да бидат исполнети со љубов, радост, здравје и благосостојба и сите заедно да работиме за подобра иднина, каде што нашите деца ќе ја запознаат радоста што ја заслужуваат и каде ќе се реализираат нашите надежи за нормална Албанија, со можности за секого. Господ да ве благослови вас и вашите семејства, посака Баша.

Претходно, честитки за Новата година изрази и шефот на државата, Илир Мета, како и лидери на повеќе политички партии.

Back to top button
Close