Рама: Владата е подготвена за дијалог со студентите, опозицијата е одговорна за насилството на улицата

Албанскиот премиер Еди Рама денеска изјави дека студентите не се одговорни за насилството во кое беше оштетена зградата на „Европскиот Колеџ“ во Тирана и ја обвини опозицијата дека стои зад ваквите дејствија, за кои рече дека имаат за цел да го нарушат имиџот на Албанија.

Во својата прва реакција на студентските протести, кои избувнаа поради барањата за подобрување на условите во образованието, Рама нагласи дека владата е подготвена за дијалог со студентите, додека сторителите на штетата ги опиша како други лица, кои ги поврза со опозицијата, објавува „Албаниан пост“. „Ова не можат да бидат рацете на студентите. Ние сме секогаш подготвени да разговараме и да дискутираме со нив. Ова се други раце кои сакаат да ја соборат Албанија. Ова се рацете на опозицијата, која, со маски, заслепена од омраза, оган и железо, се обидува да ја врати Албанија таму каде што никогаш нема да се врати, во бездната од која сите заедно ја извлековме и од каде што се искачуваме кон историски врв, во Европската Унија“, рече Еди Рама.

Тој рече дека опозицијата е одговорна за насилството на студентските протести, со цел да го попречи патот на Албанија кон Европската Унија.

„’Европскиот Колеџ’ денеска е симбол. Ова се тешки времиња, но времиња кои ќе ги надминеме заедно, бидејќи Албанија ќе продолжи да се искачува, ќе продолжи по својот пат“, рече Рама.

Тој нагласи дека Албанија нема да дозволи да се врати во минатото и да биде попречена на патот кон европската интеграција.

„Никогаш повеќе тие раце што ја зграпчија албанската опозиција за грло и ја туркаа сè подлабоко и подлабоко, нема да можат да ја освојат Албанија“, додаде премиерот.

Рама рече дека одговорните за насилството мора да се соочат со последиците од своите постапки.

Откако учесниците на протестот во Тирана синоќа ја нападнаа полициската станица, кон која фрлаа молотови коктели, како и Министерството за правда и трговскиот центар „Топтани“, денеска избувнаа судири со учесниците на протестот во близина на Министерството за образование, каде што демонстрантите фрлаа камења, а полицијата употреби солзавец за да ја растера толпата.

Во знак на солидарност со студентите во Тирана, студентите во Скадар денес фрлаа јајца кон вратите на Ректоратот и ја бојкотираа наставата на Факултетот за странски јазици.

Протестот започна во просториите на Факултетот за странски јазици, од каде што студентите се упатија кон зградата на општина Скадар, а потоа застанаа пред зградата на Ректоратот на Универзитетот „Луиѓ Гуракуќи“.

За време на собирот пред Ректоратот, студентите го изразија своето незадоволство извикувајќи „срамота“, додека некои од нив фрлаа јајца кон вратата на зградата.

Студентите најавија дека протестите ќе продолжат.

Back to top button
Close