Расчеречување на Македонија

Деновиве, во етерот одекна информација дека нашиот сосед Албанија за само 12 месеци ќе стане членка во Европската Унија! Албанија е земја која за 12 месеци ги реши сите 36 поглавја.

Најнапред, честитки за нивниот лидер господинот Еди Рама и граѓаните на Албанија. Треба да честитаме, но и да се запрашаме, која е иднината на Република Македонија?

Уште во далечната 1991 година, по распадот на СФРЈ, Република Македонија и Република Словенија беа единствените држави кои можеа веднаш да бидат примени во европската заедница, денешна ЕУ. Бевме држави кои по сите стандарди требаа да бидат членки на ЕУ.

Ни се случи ембаргото со соседна Грција, која успеа да ,,крене прашина” со прашањето околу името на нашата држава Македонија на светско ниво и да ни забрани секаков влез во меѓународните институции под нашето уставно име. Така станавме ФИРОМ. Светот потпадна под влијанието на соседна Грција и најголемите светски сили САД и ЕУ. Бевме условени и станавме Северна Македонија за да станеме членка на НАТО и ЕУ.

НАТО членството ни го гарантираа Соединетите американски држави и си го одржаа зборот. ЕУ членството ни го гарантираше Брисел, но за жал не го одржа зборот. Ветеното е лага.

Република Македонија, опкружена со ултимативни соседи, ставена е на отстрел, на раскостување. Ќе набројам факти, кои се мој личен став, а се базичниот проблем:

Славјанството, како групација на народи каде е најраспространето православјето и делумно муслиманството како вероисповед, земјите не се омилени членки во ЕУ заедницата. Единствена држава каде славјанскиот јазик е базичен и доминира православјето е соседна Бугарија.

Зошто Бугарија стана членка на ЕУ, иако како земја ни од далеку не беше спремна да биде дел од оваа заедница? Мое мислење е дека е чиста желба на нивниот вечен пријател Германија, водечката сила во ЕУ заедницата.

Историски гледано, во двете светски војни, со исклучок на Бугарите, славјанските народи на Балканот се бореле против Германците.

Историски, Бугарија доби цар од кралското семејство Хабсбурзи и тогаш, сѐ уште живиот цар Симеон, во времето на неговиот мандат за премиер на Бугарија ја внесе Бугарија во ЕУ.

Очигледно е дека Бугарија како држава е длабоко поврзана со нациите кои го говорат германскиот јазик. Единствена држава од бившата СФРЈ која доби итно членство во ЕУ е Хрватска, која важела како сериозен поддржувач на германската политика. Јавноста знае дека базичната религија во Хрватска е католичка.

Сакам да појаснам дека не само религијата, туку и геостратешката позиција играат голема улога во големите планови на ЕУ, особено земјите од Балканот.

Да биде појасно, Хрватска, Албанија, Грција и Бугарија го контролираат целиот Медитерански приод кон Балканот.

За жал, Нашата Македонија нема море. Факт е дека има стратешка местоположба, ама не најбитна и пресудна. За лицемерието на ЕУ кон православието ќе пишувам во некоја следна прилика. Во моментов ќе се осврнам само на нашата македонска реалност.

Ние сме држава која што три пати го менуваше своето уставно име, притиснати од нашите соседи, првенствено Грција, па денес силно притиснати од соседна Бугарија и малку провизорно или поточно кажано не така грубо, притиснати од Албанија.

Војната во 2001 година не беше производ без знаење на ЕУ заедницата и на нашите соседи Косово и Албанија! После војната Македонија стана мултиетничка држава со тотално променет кодекс на функционалност на државата. Кај нашите соседи Грција и Бугарија нема малцинства. За жал, кај нас да се појават само пет граѓани кои ќе ја искажат својата различна национална припадност, треба да се вметнати во Уставот.

 

Жална и грда слика за нашата реалност.

Соседна Бугарија од петни жили се бори за обновување на својата Сан Стефанска Бугарија, нудејќи пасоши не само на нас Македонците, туку на сите граѓани во Република Македонија, па дури и во Албанија. Целта е да покажат на ЕУ дека тоа е бугарска територија и таа територија припаѓа на Бугарија.

Денес, Македонија е стопирана во преговорите со ЕУ поради силната желба на ЕУ заедницата да се подржи нивната членка Бугарија за внесување во нашиот Устав 3.504 Бугари, кои согласно законите во Македонија може да се изјаснат за својата национална припадност. Додека истата таа Бугарија не негира како Македонец во сопствена држава, не признавајќи го нашиот македонски литературен јазик, историја и култура, нашите Македонци се сериозно обесправени за нивното изјаснување како Македонци во Бугарија.

За какво право и правда говориме? Типично лицемерие на ЕУ заедницата.

Брзото влегување на Албанија во ЕУ значи само едно: македонската држава да се разнебити, да се раскости, да се расчеречи…

Грција ни го промени името. Бугарија нѐ идентификува како Бугари. Албанија и Косово мудро молчат, бидејќи албанската заедница во Македонија е многу силна и сеприсутна во нашето секојдневие.

Кој ни е следниот чекор? Да ,,чекориме” ползечки, да коленичиме пред нашите соседи и целата ЕУ заедница или достоинствено да тргнеме по сопствен пат?

Балканот како регион е сѐ уште во тензична состојба. Босна и Херцеговина се клучниот проблем за кој мора да се најде решение. Се плашам дека со решавањето на огинот меѓу Босна и Херцеговина ќе настрада и мојата Македонија како колатерала.

Војната во Украина ќе заврши во блиска иднина. При секое завршување на вакви големи војни стануваат сериозни територијални промени во регионите каде што се можни конфликти. Промената на Украинската граница ќе даде отворено светло за промена на границите и на Балканот. Повеќе од јасно е дека на Европската заедница многу побитни ѝ се интересите на нејзините членки, а наши соседи, како Албанија, Грција и Бугарија, отколку нашата Македонија.

Како членка на НАТО, единствен вистински поддржувач на Република Македонија се Соединетите Американски Држави. Поддржувач од чист интерес. Македонија вистински пријатели во ЕУ заедницата нема и убеден сум дека никогаш нема да ги има, бидејќи интересот е вечен, а нашата Македонија за жал не може да им понуди море како стратешки капитал.

Мултиетничноста уште повеќе ја поткопува иднината на нашата држава. Етникумите кои живеат во Македонија, чии матични држави се членки на ЕУ, ќе бараат час поскоро да се приклучат кон нивните матични држави. Што значи ова? Ова значи расчеречување на нашата Македонија. Апетитите од минатиот век преку Балканските војни не се минато, туку реална сегашност. При вакво черечење на Македонија зошто да не се вклучи и соседна Србија? Тогаш, ние Македонците ќе ја доживееме историјата на денешните Палестинци.

За да се одбегне ова зло, треба масовно подигање на националната свест на сите сограѓани, да си ја засакаме државата, а ние Македонците да бидеме комплетно поддржани од сите етнички заедници како водечки ентитет кој се бори за свој национален опстанок на денешната светска мапа. За жал сиромаштијата која владее во Македонија е фактор кој ќе биде рак-рана за наше опстојување.

Дали ќе успееме да опстоиме како држава и нација, одговорноста ќе ја имаат челниците во државата.

Доколку ЕУ продолжи со ваквиот понижувачки однос кон нас, ќе треба да бараме алтернатива. Дали таквата алтернатива ќе биде можна зависи до кога како мала држава ќе се чувствуваме и бидеме заробени. Единствена гаранција која Македонија ја има за опстанок е нашето членство во НАТО.

За жал историјата памети многу ветувања и спогодби кои биле игнорирани. На крајот од краиштата ваквото черечење на Македонија ќе биде од страна на ЕУ членките: Албанија, Грција и Бугарија, што практично значи НАТО ќе има една членка помалку. Сепак територијата и натаму останува под нејзина контрола.

Драги мои сограѓани, да се разбудиме и да бидеме упорни, нашите челници да обезбедат иднина на државата, иднина на нашите семејства, иднина на нашите потомства. Денеска е грев да се биде Палестинец. Можеби утре ќе биде грев да се биде Македонец.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close